ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Утре лидерска средба, Мицкоски и Заев – ќе почне ли во четврток пописот?

Секое одлагање е подобро отколку попис по секоја цена. Експертите се се погласни дека Владата треба да се реши да ја одложи оваа операција. Според универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски најразумна одлука е да се одложи за на есен или за другата година. Бојкотот и стравот на граѓаните да отворат врата може да придонесат за невалидни резултати.

Ако и покрај сите предупредувања пописот се одржи, тогаш неговото одржување ќе предизвика бројни ефекти со негативен предзнак. Ретко кој од населението (особено неалбанското) ќе верува во конечните резултати, бидејќи и самата опозиција не верува дека Законот за попис е донесен според сите законски процедури.  Бојкотот, според некои, би можел да биде излезот. Меѓутоа, мора да се води сметка дека тој нема да биде целосно спроведен и, според тоа, не би се добиле точните податоци за етничката структура на населението, бидејќи бојкотот би одел најверојатно по етничка линија – вели Цуцуловски.

Опозицијата многупати предупредуваше дека пописот ќе биде политичка операција и дека се работи за однапред договорени проценти. Сепак, заменик директорот на Државниот завод за статистика уверува дека попишувањето не е пазар, и нема да дозволи да стават потпис на незаконски попист.

Еве има и Македонец директор има и заменик директор кои ќе гарантираат, секој од своја гледна точка, за вистинитоста на податоците. Не сме ние тука поставени од никого, ниту пак јас би прифатил такво нешто, да седам тука и некој да ми делегира, господинот Ахмети или господинот Заев да ми се јават и да ми кажат направете вие да има 30 проценти Македонци, 20 проценти Албанци , толку Турци. Ова не е пазар – вели Селами.

Власта и опозицијата и понатаму со спротивставени ставови околу пописот. Владините претставници ги повикуваат граѓаните да се вклучат во статистичката операција уверувајќи дека ќе биде безбедна по нивното здравје – за опозициската ВМРО ДПМНЕ  и понатаму попис во време на пандемија е лудост. Пописот најверојатно ќе биде една од темите на која ќе разговараат Заев и Мицкоски на лидерската средба.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.