ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

На тест и владината коалиција

Заев ја повика ДКСК да ги испита имотите на судиите и обвинителите, ДУИ се консултира со правни експерти, а ВМРО-ДПМНЕ бара законски измени со кои на амнестирани лица ќе им се забрани занимавање со политика.

Расте интересот за тоа како ќе помине барањето на СДСМ до Собранието за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, откако Уставниот поведе постапка за оценување на уставноста на тој член, кој овозможува да се повлече еднаш дадено помилување. Ако Уставниот суд го укине тој член, во иднина шефот на државата не ќе може да повлекува дадено помилување, но ако го поништи – тоа ќе значи слобода за 50-тина обвинети во случаите на СЈО.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, и координаторите на пратеничките групи денеска треба да се договорат дали и кога Законодавно-правната комисија ќе заседава и ќе го разгледа барањето на СДСМ.

Изминатиов викенд помина во обвинувања кој за што се залага. СДСМ го повика Мицкоски да излезе пред јавноста и да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за автентичното толкување на оспорната одредба. Од опозициската партија изјавија дека принципиелно се против амнестии и аболиции, но го обвинија Заев дека „тој го руинирал правниот систем преку уцени, закани и поткупувања и дека тој треба да ги тргне неговите валкани раце од правосудството”. Во тој контекст, лидерот на партијата Христијан Мицкоски вчера соопшти кои се двете нивни партиски барања. Од владејачката ДУИ кусо најавија дека се консултираат со правни експерти. Токму ваквиот воздржан став на ДУИ отвори сомневања дека прашањето може да стане тест и за владината коалиција.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.