ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Бонуси во СЈО: Антикорупциска комисија ќе чешла анкетни листови на обвинителите

Бонусите што се делеле во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) од 2015 година ќе бидат предмет на расправа и во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Од таму најавуваат отворање на анкетните листови на сите обвинители и вршење увид во пријавените промени на нивната имотна состојба.

Државните функционери имаат законска обврска да ја пријават својата имотна состоба во рок од 30 дена по стапување на должност, секоја промена за време на мандатот, но и по престанок на вработувањето. Со анкетниот лист се опфаќа недвижен имот, подвижен имот, хартии од вредност и удели, побарувања, долгови, банкарски депозити, друг имот и други приходи, графа што се однесува на хонорари што се надвор од редовната плата. Тоа го потенцира и претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска за порталот а1он.мк.

„Во анкетните листови за имотната состојва постои и графа за други приходи. Во неа се наведува доколку, да речеме, некој функционер зема хонорари надвор од платата, ако, на пример, зема кирија од изнајмување на стан или деловен простор и слично. На овој начин и обвинителите од СЈО требале да пријавуваат надоместоци надвор од платата. Патем тоа е суштина на анкетните листови и транспарентно прикажување на имотната состојба на сите избрани и именувани лица“, изјави Ивановска.

Преку базата „Отворени финансии“, јавноста неодамна дозна дека обвинителите во СЈО земале бонуси за доверливост за слушнатото во т.н. „бомби“ од прислушуваните разговори. Најмногу пари, според алатката, за изминатите четири години легнале на сметка на обвинителката Катица Јанева (157.000 евра). Останатите суми во топ 6 се движат меѓу 70.000 и 107.000 евра што е неколкукратно повеќе од основната плата на обвинителите.

Љубомир Јовески – Републички Јавен обвинител

Случајот се најде на тапет и во Државното обвинителство. Тајноста на податоците за висината на бонусите делени во СЈО се клучниот елемент кој фрла сомнеж на начинот на кој се исплаќале додатоци за доверливост, вели државниот обвинител Љубомир Јовевски. Според него, станува збор за јавни пари и нивното трошење никако не смее да биде класифицирано. Додатокот не смеел да биде повисок од 35 отсто од платата која обвинителите ја земале. Државниот обвинител посочи дека ќе ги истражат сите околности за да утврдат дали има елементи на кривично дело.

„Првичните согледувања укажуваат дека по ист основ, два пати се земало плата и ако видите апсурдите до каде се донесени во делот на трошењето на државните пари, еве на пример еден секретар има повеќе плата од Претседателот на државата. Дали тоа е оправдано, дали е тоа логично, да процениме. Но, со ова не ја прејудицирам постапката што обвинителството ја води за овој настан“, рече Јовески.

Претседателот на Хелсиншки комитет и професор на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев смета дека доверливоста за која се исплаќале надоместоци на платата спаѓа во нормалните одговорности на обвинителите и не може да е оправдување за толку високи хонорари.

„Проблематично е тоа што тие се делени без правилник и дека обвинителката Јанева малку ги делела од ракав. Со тоа претпоставувам тоа правело и раздор таму или при добивала поблиски соработници“, рече Калајџиев одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на 25 годишнината од Хелсиншкиот комитет.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.