ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Крузер во карантин: Корона-вирусот „заклучи“ тројца Македонци во Јокохама

Министерство за надворешни работи (МНР) нема директен контакт со тројцата македонски државјани кои завршија во карантин со уште 3.700 патници и членови на екипажот на крузерот „Дајмонд Принсес“ во Јапонија. Од МНР соопштуваат дека и претпладнево е остварен разговор со македонската Амбасада во Токио чии претставници се „на линија“ со јапонското Министерство за здравство. Засега не е позната состојбата на тројцата Македонци, нивниот идентитет, од каде се и дали биле на крузерот како туристи, како дел од персоналот или, пак, се вработени во земјата.

„Немаме директна комуникација со тројцата македонски државјани на крузерот. Во постојан контакт сме со нашата Амбасада во Токио која, пак, е во комуникација со Министерството за здравство на Јапонија и на тој начин добиваме информации за нив. На бродот се задржани во карантин заедно со сите останати лица поради присуство на корона-вирус кај дел од нив“, изјави од МНР за Нова ТВ.

Македонските власти нагласуваат дека будно ја следат ситуацијата со корона-вирусот. Со термокамери се скенираат патници на скопскиот аеродром на летовите од Истанбул и Дубаи, но и од други дестинации за кои постои сомнеж за нивна транзитна поврзаност со ризичните региони.

Фото: newsweek.com

Јапонските власти во меѓувреме соооштија дека на крузерот е регистрирано 61 заболено лице. Стотици патници, според тамошните медиуми, се затворени во своите кабини, а тестирањето продолжува.

„Последните тестови направени кај 273 лица со симптоми на корона-вирус или биле во близок контакт со заболени лица ја потврдија болеста кај 61 лице“, соопшти јапонското Министерство за здравство и додаде дека пациентите ќе бидат префрлени во болниците во Токио и во соседните градови.

Крузерот „Дајмонд Принсес“ со околу 3.700 патници и членови на екипажот, моментно е закотвен во јапонското пристаниште Јокохома и ќе биде во двонеделен карантин по откриените случаи на патници со коронавирус, соопштија здравствените власти во Јапонија.

Бројот на лица во Кина кои досега починаа како последица на корона-вирусот е 636, а регистрирани се вкупно 31.161 заразени лица. Само во текот на вчерашниот ден во земјата се забележани 73 смртни случаи, пренесуваат британските медиуми. Случаи на заболени од корона-вирусот се евидентирани кај 320 лица во 27 земји во светот.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.