ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за Законот за јавно обвинителство

На два дена пред јавната експертска расправа во Собранието за предлог Законот за обвинителство, власта и опозицијата повторно со меѓусебни обвинувања. За СДСМ, главен кочничар за законот да се изгласа е ВМРО ДПМНЕ. Порачаа дека нема да се пазарат со обвиненијата и истрагите на СЈО за некој да избегне кривична одговорност. Од СДСМ убедуваат дека поддршка за законот има и од ДУИ, иако против нивни функционери СЈО отвори истраги, кои сега се во редовното обвинителство.

ДУИ учествуваа на средбата во петокот. Изразија поддршка на Законот. Рекоа дека имаат одредени барања кои што не се однесуваат на случаите, туку се однесуваат на нешто сосема друго и рекоа дека ќе ги формулираат во амандмани. Меѓутоа, во овој дел или во делот на случаите, немало никогаш, да речам некаква замерка на текстот на законот – изјави Бојан Маричиќ, СДСМ.

ВМРО ДПМНЕ смета дека не го одолговлекува носењето на Законот за обвинителство. Постоечкото решение според нив е обид Специјалното да се интегрира во Обвинителството за организиран криминал.

Она што изминативе месеци, па и година дена го гледаме од страна на СДСМ е закон каде што сака повторно, сега веќе последните месеци повторно да го воскреснат Специјалното јавно обвинителство, односно повторно да можат да бидат штитени криминалците од СДСМ. Ние нема да дозволиме амнестија на криминалиите на Зоран Заев и владата на
СДСМ кои што се огрешиле пред законот – рече Димче Арсовски, ВМРО – ДПМНЕ.

Од ДУИ објаснија дека го поддржуваат Законот за обвинителство. Амандманите биле од техничка природа и биле прифатени во петокот, а меѓу нив е и употребата на албанскиот јазик. Опозициските Алијанса за Албанците и БЕСА го разгледуваат Законот. Носењето на овој закон го препорача и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.