Mакедонија одбројува до изборот на новата политичка влада, до тогаш власта ќе биде во рацете на Џафери
Сонот на ДУИ стана реалност – исполнет коалицискиот договор помеѓу социјалдемократите и интегративците за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот, до парламентарните избори на 8 мај. Талат Џафери стана технички премиер на Македонија.
„Не е важно дали се работи за техничка влада со рок од еден или 100 дена работа, ќе работам професионално и нема дозволам какви било манипулации во однос на демократскиот процес“ – рече Џафери
Според ВМРО-ДПМНЕ кои не гласаа за техничката влада, партијата ДУИ нема толку пратеници, ниту број на гласови за да избере премиер, но Ковачевски и Маричиќ евтино ја продале куќата на СДСМ – партија која според опозицијата била верен слуга на ДУИ.
Партијата ДУИ нема толку пратеници, ниту број на гласови за да избере премиер. Но, денес Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија привезок на ДУИ. СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ заради коруптивни погоди денес македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава. Наместо ветената европеизација, денес пратениците од СДСМ, ЛДП и НСДП ви приредија една понижувачка дуизација на државата, ставајќи го на чело на Владата Талат, другарот на Рамиз Мерко и на Пуцко Петрол, познатите Европејци од Македонија – рече Милошоски.
Според Милошоски, техничката влада само ќе ги продолжи коруптивните и криминални политики, а Македонија има историски најлошо здравство, историски највисок долг, инфлација, најмногу лажни пасоши за нарко босовите, нерасчистени случаи криминал и корупција.
Бидете многу внимателни, бидете многу внимателни во оваа Влада. Ова е Влада која што за вас има поставено многу стапици, и многу сопки. Пред вас ќе зборуваат за европски стандарди и за фер избори, зад вас ќе работат на поткуп и на фалсификување на записници за да го ублажат поразот кој што ги очекува. Затоа уште еднаш ќе кажам бидете претпазливи, немате работа со Европејци, имате работа со луѓе чии што другари се на црната листа – рече Милошоски.
СДСМ пак верува дека интересот на граѓаните го ставале на прво место и техничката влада ќе спроведе фер и демократски избори, А ВМРО-ДПМНЕ само барале алиби за поразот што ќе им се случел на следните избори.
– Нема да дозволиме ДПМНЕ да фрли дамка на изборниот процес а со тоа и на двојната победа на проевропскиот фронт на претседателските и на парламентарните избори. Заедно со мнозинството пратеници, заедно со граѓаните нема да дозволиме деструктивните сценарија на ДПМНЕ да успеат. Во изминатите години СДСМ покажа дека е демократска партија која знае да го штити гласот на граѓаните и нивното неприкосновено право за слободно изразување на нивната волја. Така и ќе продолжиме, рече Каевски.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ стои на ставот дека учествува во техничката влада исклучиво да помогне во спроведувањето на изборите и спречување евентуални неправилности и предизборен поткуп. Во техничкиот владин кабинет нов министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за труд и социјална политика Ѓоко Велковски. ВМРО-ДПМНЕ доби и тројца дополнителни заменици министри во ресорите финансии, информатичко општество и земјоделство. Од владината коалиција се останува исто, совен што Маричиќ доби уште една функција. Онаа на Груби, прв вицепремиер.