Boeing е во голема неволја – Враќањето на довербата ќе биде тешко и може да трае со години
Американската компанија за производство на авиони, ракети, проектили и сателити Boeing се најде во голема неволја бидејќи не реагираше навремено и веднаш не ги приземји спорните авиони, вели еден експерт за воздухопловство за RT.
Многу земји ширум светот – почнувајќи од Кина, а на крај и САД и Русија – дадоа наредби да се приземјат авионите Boeing 737 Max 8 и Max 9 што се во употреба. Ваквата одлука беше донесена откако се случија две фатални авионски несреќи со моделот Boeing 737 Max 8.
Американската Федерална авијациска администрација (ФАА) сепак додаде дека не располага со какви било податоци дека овие авиони се небезбедни.
„Boeing е во голема неволја“, тврди д-р Елмар Џимула, почесен професор по право во авиосообраќајот на Берлинскиот институт за технологија. Тој објаснува дека „обично авионска несреќа е изолирана појава и не влијае на комплетната серија на моделот“.
„Иако Boeing се колеба да признае дека сугерирањата резултирале со ваков впечаток, сепак ќе беше добро да наредеше приземјување на целата флота“, додава тој.
Тоа што нема реакција од производителот на очигледните ризици „оддава непријатен впечаток во врска со неговата одговорност кон јавноста“, вели професорот.
„На овој начин се нарушува довербата. А враќањето на довербата ќе биде тешко и може да потрае со години. Ова е историско прашање“, вели тој.
Проценката на аналитичарите е дека Boeing би можел да издвои од 1 до 5 милијарди долари за да ги „поправи“ своите авиони 737 max за три месеци. Се додава дека Boeing би можел да си дозволи да ја плати таа цена, имајќи предвид дека лани оствари рекордни приходи од 101 милијарди долари, а за оваа година предвидуваше уште подобри резултати.
Авијацискиот експерт не се согласува со американскиот претседател Доналд Трамп дека комплексноста на модерните авиони е виновна за проблемите со новиот авион на Boeing. Џимула вели дека проблемот всушност е новиот дизајн и разликата меѓу човекот и роботот.
„Овој аспект е добро познат. Екипажот на лет во кокпитот порано имаше седум членови. Модерните авиони имаат само дваја пилоти во кокпитот. Ова покажува дека технологијата презела многу задачи. Тоа е добро, бидејќи бројот на падови се намали во изминатата деценија.“
Од друга страна, тоа предизвикува нови проблеми, додава тој, бидејќи многу пилоти веќе не летаат со авионите без поддршка од компјутерот.
„Особено во критични ситуации, постои психолошка бариера да го исклучат компјутерот и да се соочат со опасната ситуација и можноста да загинат“, смета Џимула.
Според него, ФАА презела голем ризик со тоа што веднаш не наредила приземјување на проблематичните авиони на Boeing.
„Секако, не може да се очекува и трет пад. Но, да се дозволи овој авион да лета после две слични несреќи е навистина ризично“, вели Џимула.
Во поглед на проблемите со кои допрва би се соочил Boeing, тој забележува дека продажбата дефинитивно е во опасност.
„Не можам да замислам дека авиопревозниците ќе се откажат тукутака.“
Можноста главните авиопревозници да ги префрлат своите нарачки од Boeing кај ривалот Airbus зависи од составот на нивните флоти, додава експертот.
„Ако компанијата соработува само во Boeing, најверојатно нема да се префрли, бидејќи пилотите не може едноставно да се префрлат од еден на друг тип на авион. Но, компаниите со мешана флота во најмала рака ќе размислат за тоа“, вели Џимула.