Полицијата строго го контролира просторот, голема е неизвесноста дали чествувањето на Гоце Делчев ќе помине мирно
Како што најави, полицијата од синоќа од 18 часот ја затвори за сообраќај улицата Самоилова, во делот околу црквата „Свети Спас“ и стого го контролира просторот околу гробот на македонскиот великан Гоце Делчев, каде утре со државен свечен настан ќе се чествуваат 151 година од неговото раѓање.Настанот е прогласен за случување од висок ризик од страна на Советот за безбедност, кој му препорача на МВР и на сите останати безбедносни институции да ги преземат сите мерки за да се обезбеди мирно и достоинствено чествување, како и да забрани влез на одредени лица од Бугарија.
Полицијата утре целосно ќе ги затвори за сообраќај улиците Самоилова и Лазар Личеноски кои го опкружуваат Калето. Според најавите на министерот Оливер Спасовски се организира државна свеченост на која ќе може да положат цвеќе сите најавени делегации. Ова значи дека ако дојдат ненајавени граѓани нема да можат да положат цвеќе за време на државната свеченост, на која ќе присуствува целиот државен врв на чело со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Се појавија и најави дека утре на гробот на револуционерот Делчев ќе може да влегуваат делегации од по тројца.
Тензиите за чествувањето зовреа откако бугарската фондација „Македонија“ на чело со Виктор Стојанов најавија дека организирано ќе дојдат од Софија во Скопје на 4 февруари за да му одадат почит на „бугарскиот револуционер“, а претходно атмосферата веќе беше запалена заради провокациите што ги изрекоа бугарските политичари Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов при чествувањето на Мара Бунева, кога среде Скопје извикуваа дека Македонија е бугарска.Стојанов известува дека македонската полиција ќе ги чека на граница и ќе ги обезбедува за време на нивниот краток престој во нашата земја, а најави и дека во Скопје на чествувањето ќе се појават и околу 40 Бугари од Македонија. Нивниот план е во 11.30 часот да се соберат на паркингот кај Калето и организирано во група, „без да провоцираат или да одговараат на провoкации“ да се упатат до гробот на Делчев и назад кон паркингот.