ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Поголема минимална плата без раст на продуктивноста може да ги затвори текстилните фабрики

Бизнисот се плаши дека со поголема минимална плата ќе се направи уравниловка, а освен тоа нашите компании ќе ја изгубат конкурентноста на странскиот пазар, а Светска банка предупредува дека овој најавен потег на Владата сигурно ќе ги погоди трудовоинтензивните дејности

 

Минимална плата до 16.000 денари и просечна од 30.000 денари. Премиерот Зоран Заев не отстапува од овие владини проекции за движење на платите во наредниот период и покрај укажувањата на бизнисмените, аналитичарите, а во последно време и Светската банка дека тоа е практично невозможна мисија ако се сака да нема последици по стопанството.

Ветувањето е дека минималната плата ќе достигне 16.000 денари до крајот на мандатот на оваа Влада, а како што рече Заев на еден од последните митинзи во кампањата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, просек на платите во државата од 30.000 денари може да се очекува во наредните 10 месеци.

– Темпото на нови покачувања на платите ќе продолжи, и на минималната плата што е покачена на над 12.000 денари, а ќе биде 16.000 денари и на просечната плата, што е рекордно покачена на над 25.000 денари, 8,1 процент за само една година, и ќе биде 30.000 денари. Следете во следните 10 месеци, колку ќе расте просечната плата, економски лекции држиме, од нас зависи, од граѓаните, Владата, Собранието, порача тој од митингот во Штип.

И додека овие бројки се едни од главните адути на СДСМ на митинзите за привлекување гласачи за нивниот претседателски кандидат, во нивната остварливост има многу сомневања. Претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, вели дека вештачкото покачување на минималната плата може негативно да влијае на бизнисот со тоа што може да предизвика уравниловка и да затвори многу работни места, особено во трудовоинтензивните дејности, како што се текстилот, градежништвото. Тој смета дека минимална плата од 16.000 денари, што е за 4.000 денари повеќе од сегашната, нема да може да се реализира во најавениот рок.

– Сигурен сум дека до крајот на мандатот на владата ова нема да може да се рерализира со оглед на динамиката на раст на продуктивноста и на бруто домашниот произод. Сумата е преголема и ќе доведе до проблеми во стопанството, иако целта е со растот на минималната плата да се поттикне раст и на другите плати, смета Димитров.

Тој појаснува дека со претходното зголемување на минималецот само се приближиле платите и се создала опасност од таканаречена уравниловка, а не се многу позитивни ниту искуствата од субвенционирањето на компаниите за да можат да ја исплатат зголемената минимална плата, што се најавува и сега.

– Компаниите искористија само мал дел од средствата за субвенции. Од вкупно наменети шест милиони денари беа повлечени околу 175 илјади. Како пречка се појави софтверот на Управата за јавни приходи кој не беше во состојба да ја издвои основната плата на работниците од таа со додатоци, а тоа е битно зашто субвенциите се даваат за раст на основата плата, тврди Димитров и сугерира поради овие искуства Владата во процесот на зголемување на минималецот да соработува со бизнисот.

Според него, реална е опасноста од текстилната индустрија на пример, каде би завршиле најголем дел од парите за субвенции, да се отпуштаат работници. Вели дека со повисоки плати на работниците нашите компании нема да бидат конкурентни кај странските партнери.

-Тие и сега делат откази под притисок на компаниите од други земји кои се поевтини, а со тоа и поконкурентни од нашите. На пример, со падот на вредноста на турската лира во однос на доларот и еврото, сега Турците се поконкурентни од нас, зашто нашиот денар долги години е фиксиран на иста вредност. Кога се прави нешто, треба да се внимава и на социјалниот момент, зашто има и друг проблем. Нема ништо лошо во тоа што текстилните работници ги напуштаат нашите фабрики и се вработуваат кај странските инвеститори, но треба да се има на ум дека има и такви вработени кои не можат да се снајдат во производството за автомобилската индустрија, а тоа се постарите и поневештите, кои ќе останат на улица ако дојде до затворање фабрики, предупредува Димитров.

На проблеми што може да ги создаде најавениот раст на минималната плата, кој дефинитивно нема да биде следен со раст на продуктивноста неодамна посочи и Светска банка. При презентацијата на редовниот полугодишен извештај за регионот беше кажано дека уште едно зголемување на минималната плата ќе се одрази негативно во трудоинтензивните дејности, зашто таквиот процес треба да се одвива паралелно со зголемување на родуктивноста.Според податоците на Народната банка продуктивноста од 2006 до 2018 просечно годишно има ниско темпо на раст од само 0,3 проценти и тоа во услови на постојан раст на вработеноста. Според Светска банка, пак, продуктивноста на трудот во нашата држава е најниска во целиот регион.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.