ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Зеленски и Путин зборуваат за преговори, а се подготвуваат за офанзиви

Меѓусебното отфрлање на условите за крај на војната се толкува како јасен сигнал дека ни Зеленски ни Путин не чувствуваат дека ситуацијата на фронтот ѝ дава јасна предност на која било страна да диктира услови на преговарачката маса

И украинскиот и рускиот претседател во изминатата недела изразија спремност за дијалог за крај на војната, но и меѓусебно се обвинуваат дека со поставување апсолутно неприфатливи услови всушност избегнуваат да седнат на преговарачката маса. Тоа се толкува како јасен сигнал дека ни Володимир Зеленски ни Владимир Путин не чувствуваат дека ситуацијата на фронтот ѝ дава јасна предност на која било страна да диктира услови на преговарачката маса.

Изјавата на рускиот претседател Путин дека Москва веднаш би прифатила мир ако бидат исполнети нејзините услови беше протолкувана од Киев и од западните земји како „обид за купување време“ додека руските сили се во дефанзива на фронтот. Неколку денови откако кажа дека „сака војната да заврши“, Путин во неделата повтори дека тој лично е „спремен да преговара со секој што е вклучен во процесот за взаемно прифатливо решение“.

Додека шефот на Кремљ нудеше оптимизам за крај на војната, силите под негова команда се вкопуваа во нови ровови на окупираните територии, а далекустрелната артилерија продолжи да ја бие енергетската инфраструктура на Украина со ракети, проектили и дронови.

Во обраќањето до јавноста, Путин не ја спомна директно Украина како „релевантна страна“, продолжувајќи ја својата реторика дека со „специјалната воена операција“ Русија всушност „се брани од заканите од западните земји, канализирани преку нејзиниот западен сосед“.

– Пораката од Путин не беше наменета за Киев, туку кон Западот. Таа ги рефлектираше постојаните негирања на украинскиот суверенитет, во согласност со тврдењата дека Украина едноставно е пион на Западот – оцени аналитичката група Институт за проучување војни (ИСВ).

Еден ден по Путин се огласи и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, со „дипломатска“ закана за војна. Лавров порача дека „Украина мора да ги исполни руските барања за демилитаризација и денацификација“ и повика на „елиминација на заканите за безбедноста на Русија и на ново припоените украински територии“. Во спротивно, шефот на дипломатијата се закани со уште пожестока војна.

– Останува уште едно нешто, да се исполнат условите пред да биде предоцна. Во спротивно, руската армија ќе мора да ги преземе работите во свои раце. Што се однесува до прашањето колку долго ќе трае војната, топката сега е на полето на Вашингтон и неговиот режим – изјави Лавров, провокативно игнорирајќи ја Украина.

Функционерите во Киев не реагираа гневно на провокацијата, истакнувајќи дека таквата реторика од Москва е очекувана.
– Путин мора да се спушти во реалноста. Русија еднострано ја нападна Украина и ги убива нејзините жители. Русија не сака преговори туку настојува да ја избегне одговорноста. Тоа е јасно, па затоа ќе ја гониме пред трибунал – одговори Михаило Подолјак, советник на претседателот Зеленски.
Речиси идентичен став изрази и Вашингтон.
– Путин не покажа апсолутно никаков знак дека сака да преговара крај на војната. Напротив. Сѐ што тој го прави на теренот и во воздухот говори за човек што сака да продолжи да им наметнува насилство на украинскиот народ – изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.