Џонсон: Европа е во најсериозна криза во последните децении поради Украина
Британскиот премиер Борис Џонсон предупреди дека руското воено засилување во близина на Украина, за кое Западот се сомнева дека е вовед во инвазија, ја предизвика најсериозната безбедносна криза во Европа во последните децении, бидејќи Москва почна да одржува заеднички воени вежби во Белорусија во кои учествуваат повеќе од 30.000 војници.
Додека Џонсон денеска зборуваше во Брисел на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг највисокиот британски дипломат Лиз Трус се состана со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во руската престолнина каде што ја повика Москва да ги повлече своите војници за да покаже дека е навистина заинтересирана за дипломатски пат за надминување на проблемот.
Европските лидери и високи дипломати бараат начини да ги намалат тензиите за кризата за која Џонсон рече дека ја достигнала најопасната фаза. Тој побара да има комбинација на дипломатија, економска принуда и воена сила против руските акции.
Столтенберг го повтори коментарот на Џонсон, велејќи дека Европа се соочила со „опасен момент“ бидејќи времето за предупредување што ќе го има Алијансата пред каква било можна инвазија од Москва се скратува.
Шефот на руската дипломатија Лавров, пак, по средбата со Трус во Москва рече дека Русија ги отфрла „ултиматумите и заканите“ и дека нејзините интереси треба да се земат предвид и да се почитуваат доколку се сака да има деескалациа на кризата.