ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Џафери: Собранието мора да се приспособи на новите услови за работа – што ако има земјотрес?

Претседателот на Собранието во интервју за Радио слободна Европа ги коментира забелешките на ЕК за преголемиот број закони кои се донесени по скратена постапка и за идејата законодавниот дом, поради пандемијата да работи онлајн, иако ваква можност не е предвидена со Уставот

Подобро Собранието да добие послаба оценка поради скратените постапки одошто државата да имаше последици по однос на членството во НАТО и отпочнувањето на претпристапните преговори, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за Радио слободна Европа, коментирајќи ја оценката во Извештајот на ЕК, каде што токму носењето закони по скратена постапка се посочува како една од забелешките.

„Во таа насока мислам дека го направиме исправниот избор. Ако се одело во редовна постапка не ќе можеше да се стигне да се заврши со сите тие постапки и процедури за да се исполнат предусловите за она што стана и факт дека во 2020 станавме полноправна членка на НАТО, од друга страна во март веќе добивме одредница дека до крајот на годината би требало и формално да ги отвориме претпристапните преговори, тоа не би случило доколку не би се одело за дел од законите во скратена постапка“,

вели Џафери во интервјуто.

Како една од причините за носењето закони по скратена постапка, Џафери ја наведува и пандемијата која, пак, исто така станува предизвик и за тоа како ќе функционира Собранието, по неколкуте позитивни случаи на пратеници со коронавирус.

Иако опозицијата се противи, за Џафери ситуацијата е сосема јасна – Собранието мора да се прилагоди на состојбата и да работи онлајн, и покрај тоа што Уставот предвидува физичко присуство.

„Со Уставот е тесно дефинирано дека Собранието работи во собраниската зграда, во таа и таа сала, и што сега ќе останеме заробеници на тоа? Скопје и скопската котлина е трусно подрачје, гледано сеизмолошки. Во случај на земјотрес и поголемо оштетување на објектот, каде ќе се одржуваат седници? Не е дефинирано. Затоа сега кога се најдовме во оваа ситуација е неопходно да размислиме да имаме резервни правила како и на кој начин би ја извршиле нашата функција и во такви услови, а не тоа да биде замена за редовната работа. Но во секој случај пратениците, субјектите, политичките партии имаат за право да имаат пристап онаков каков што пристапиле кон оваа идеја. Јас опстојувам на фактот дека ако не сега, во идно време ќе мора да имаме алтернативни решенија за алтернативна работа во алтернативни услови. За нормални услови кој нормален човек би побарал да си работи од дома? Но ситуацијата наметнува да размислуваме и за тоа“,

вели Џафери.
Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.