Ќе се договорат ли Заев и Мицкоски за законот за јавно обвинителство?
Ќе падне ли договор за законот за јавно обвинителство меѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски по утрешната лидерска средба во Собранието, но и дали двајцата први луѓе на ривалските партии ќе ги приближат ставовите за предвремени избори, од двете страни пристигнуваат спротивставени информации.
Она што со сигурност се знае е дека лидерите ќе седнат на заедничка маса во 20 часот, но форматот на средбата ќе биде еден плус четири – во разговорите ќе им помагаат и четворицата членови на работните групи.
Ќе се дебатира и за судбината на предистражните постапки, како и за предметите покренати по рокот од 18 месеци за поднесување на обвиненија од страна на СЈО.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат власта да покаже сериозност за моментот и за ова прашање, а не после секој постигнат исчекор напред процесот да го враќаат на почеток, какво што според нив е „договореното“ барање на Јанева од притвор да побара префрлање на предметите во Јавното обвинителство.
„ВМРО-ДПМНЕ и досега покажа дека се што е во интерес на Република Македонија и на граѓаните активно учествувала и придонесувала кон подобрување на состојбите и кон напредок на државата во евроатлантските интеграции и во однос на носење на закони кои се навистина квалитетни. Секако, тоа не е безсусловно и не може да се поддржи било каков законски текст, само и само за да се каже дека законот е донесен“, вели Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата тврдат дека услов да се закаже лидерската бил на неа да се зборува и за предвремени. Извори од преговарачките групи од ВМРО-ДПМНЕ за Телма велат дека утре нема да се закопаат во ровови во смисла да мора да падне договор за избори, бидејќи тврдат, не сакаат да и наштетат на државата.
„Познат ни е тврдиот став на СДСМ да нема предвремени избори, и не очекуваме утре да дадат согласност, но ќе бараме на секоја средба да се разговара за тоа прашање. До крајот на годинава е доцна, но може тие да се одржат во април или мај“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Извори од тимот на власта, пак, велат дека немаат никаква должност да се договорат за предвремени, особено, тврдат, тоа е беспредметно се додека нема датум за отворање на преговорите со ЕУ во октомври, како и финализирање на постапката за влез во НАТО.
Според извори од ВМРО-ДПМНЕ, можно е да се побара на опозицијата да и се дозволи да предлага државен јавен обвинител, или, пак, шеф на организиран криминал, но не очекуваат дека власта ќе се откаже од Русковска за аферата Рекет. Од друга страна, ќе бараат, како докази во предметите да не се користат само снимки од 2008 до 2015, туку сите снимки што ќе излезат и ќе се стекнат после 2008 па навака, за било чии функционери.
Од СДСМ овие барања не сакаат јавно да ги коментираат, најбитно е, велат, да се обезбеди продолжување на предметите на СЈО.
„За нас е најважно тие предмети да не се затворат, туку да имаат иднина и да продолжат, да има силни институции кои понатаму ќе ги застапуваат и да има исход од нив. Се што ќе биде предложено во таа смисла за нас би било прифатливо, но не е добро политичари да се мешааат во тие институции“, велат од СДСМ.
Остануваат уште пет дена до истекот на мандатот на специјалната обвинителка Јанева, па се очекува законот за јавно обвинителство да се донесе дотогаш и за него е потребно двотретинско мнозинство.
Со оглед што предметите од СЈО ќе ги преземе јавното обвинителство, од власта велат дека нема притисок да се брза до 15 септември, а и за меѓународните партнери, тврдат, тоа не е цврст услов, и побитна е суштината, а тоа е да се обезбеди завршница на предметите на СЈО.