Ќе прифати ли Трамп помалку пари за изградба на ѕидот со Мексико?
Падна договор меѓу Републиканците и Демократите за финансирање на американската влада, со што би се избегнала нова блокада на владата најавена за крајот на неделата. Што содржи начелниот договор, никој од преговарачите не сака да каже.
- Постигнавме начелен договор за домашната безбедност и другите шест сметки. Нашите тимови напорно ќе работат да ги соединат деталите и тоа е се што можеме да кажеме, изјави Ричард Шелби, претседавач на Комисијата за преговори.
Американските медиуми, повикувајќи се на анонимни извори од конгресот, јавуваат дека договорот не ја содржи бараната сума од 5,7 милијарди долари на кои инсистира Трамп за изградба на ѕидот на границата со Мексико. Наводно, одобрени се само две милијарди долари, а тоа е речиси исто колку што одреди Конгресот и минатата година, што е далеку под она што го бара Трамп. Според тие извори, овие две милијарди дури и не се наменети за ѕидот. Но, Трамп не се откажува од него, а тоа им го кажа и на насобраните на митингот во пограничниот град Ел Пасо.
- Морам да ви кажам дека додека се качував на сцената ми јавија дека има прогрес во комитетот. Само да ви кажам дека ќе го изградиме ѕидот , како и да е, изјави Трамп.
Договорот сега треба да помине во Конгресот и да биде потпишан од Трамп, за кој никој не гарантира дали ќе се согласи на предложената сума. Неговите советници велат дека не мора да потпише се што ќе му се стави на маса, но дека парите за спорниот ѕид секако ќе ги соберат.
- Ќе земеме толку пари колку што Конгресот ќе даде и потоа ќе ги најдеме парите на друго место, законски, за да ја обезбедиме јужната граница. Но, секако ќе биде изгаден, со или без Конгресот, вели Мик Мулвејни, шеф на кабинет во Белата Куќа.
Белата Куќа и конгресмените имаат рк до петок, кога повторно ќе бидат исцрпени средствата за финансирање на федералната влада. Ако не се постигне официјалниот договор, Трамп повторно ќе ја затвори администрацијата, а 800.000 луѓе ќе останат без плата.