Ќе помогне ли ревизијата во истрагата за скандалот на Онкологија?

Во истрагата за скандалот на онкологија е вклучен и државниот ревизор. Во нивниот извештај објавен пролетта беа посочени голем број на неправилности за работењето на Клиниката. Директорот на ДЗР Максим Ацевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека доказите до кои доаѓаат ревизорите се чуваат во електронска форма и со се што располагаат го предаваат на обвинителството кое понатаму ги обработува.
– Ако ја погледнете содржината на конечниот ревизорски извештај или резимето, утврдено е дека има проблем во начинот на кој се водело издавањето на терапијата, лицата кои се ставаат на терапија, набавката на терапија и евиденцијата. Според пресметките, терапијата која е набавена е во износ од 6 милиони евра и се гледа дека е евидентирана на крај на годината. Негативно во работата на клиниката е што има голем број обврски кои се преземени надвор од предвидениот буџет за нејзино работење, вели во интервјуто за РСЕ, првиот ревизор Максим Ацевски.
Во интервјуто Ацевски потенцира дека не само на Клиниката за онкологија туку и при ревизијата на Битолската болница е констатирано дека и во двете установи не работат скапо платените акцелератори наменети за третман на онколошки пациенти.
Инаку паралелно со истрагата на обвинителството поради сомневањата за криминално работење на онкологија во собранието беше формирана Анкетна комисија каде пред пратениците наредната недела ќе одговараат поранешните министри за здравство Сали и Филипче, актуелниот Меџити и екс директори на Клиниката.
Во меѓувреме онколошки пациенти и нивни роднини продолжуваат со понеделничките протести на кои бараат што побргу да има разрешница скандалот и јавнота да дознае дали и кој се богател на сметка на најтешко болните.