Ќе има ли евтини летови од Македонија – Визер не ги исполни условите за субвенции, тендерот поништен
Унгарскиот авиопревозник Визер повторно извиси на тендерот за добивање субвенции од државата. Министерот Сугарески го поништи јавниот оглас зашто Комисијата што ја спроведе тендерската постапка го известила дека Визер не ги исполнил бараните услови. Унгарската компанија, која беше единствено пријавена, понудила сите четири нови дестинации од охридскиот аеродром да ги воведе во август следната година, а на огласот се барало, првите два да почнат најдоцна до 10 јануари, а следните два по една година.
„Евтини летови ќе има и понатаму, Владата тоа ќе го исполни водејќи се исклучиво од интересот на граѓаните, но процедурата мора да се почитува“ – изјави Горан Сугарески – министер за транспорт и врски
Сугарески сега тврди дека Владата во најкус можен рок повторно ќе распише, трет по ред, јавен повик. Условите нема да се менуваат. Иако пропаднаа двата тендера на кои Визер беше единствениот понудувач, министерот тврди дека нема ништо против унгарската компанија и дека тендерот не се мести за некоја друга авиокопанија.
„Ниту еден член на оваа Влада нема конкретно ништо против авиокомпанијата Визер. Визер е стабилен и долгорочен партнер на Република Македонија. Сметано од 2012 година оваа компанија е субвенционирана со 10 милиони евра. Јас прв пат слушам дека овој тендер се мести и веднаш со индигнација ги отфрлам овие обвинувања или шпекулации“ – изјави Горан Сугарески – министер за транспорт и врски
Договорот за субвенции со Визер истече во јуни годинава, но компанијата продолжи да лета од скопскиот аеродром. До кога ќе ги има летовите не се знае. Од Визер иако побаравме, денес не добивме одговор.
Сугарески го поништи првиот тендер во август затоа што Визер во писмото со понуда не го напишала полниот назив и адреса на компанијата. Паралелно со тендерите Министерството за транспорт, по кој знае кој пат, повторно прави анализа за исплатливоста на основање на национален авиопревозник.