ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ќе го повика ли полицијата лидерот на ДУИ Али Ахмети да го праша каде е неговиот екс вицепремиер Артан Груби?

И власта и опозицијата побараа обвинителството, да го повикаат Ахмети да каже каде е бегалецот Груби. Реакциите следуваат откако лидерот на ДУИ од Косово, изјави дека поранешниот вицепремиер се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава, само ако нема одмазничка и селективна правда.

Премиерот Христијан Мицкоски, се надева дека до Обвинителството ќе допре изјавата на Ахмети.

И вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, повика Обвинителството да го викнат на распит Ахмети, бидејќи во изјава за јавноста, кажал дека знаел за локацијата на неговиот сопартиец.

Од СДСМ пак велат дека откако лидерот на ДУИ Али Ахмети, застанал во одбрана на Артан Груби, повеќе од јасно е дека и самиот тој е добро информиран, за Груби и има важни информации за случајот.

„Зошто обвинителството и Тошковски не го повикуваат Ахмети да даде изјава? Како е можно и Ахмети и Меџити да знаат каде е Груби само Тошковски да е целосно незапознаен?Ова е класичен пример на селективност, но и огромна неспособност на Тошковски и МВР да го спроведат законот, соопштија од СДСМ

Од Обвинителството, објавија дека е издадена наредба за распишување на национална и меѓународна потерница за Груби. Нема да го повика првиот интегративец, оти такви овластувања имаат како што рекоа – други домашни и меѓународни органи.

„Домашните и меѓународните органи се задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот., соопштија од Јавното обвинителство.

Од МВР велат дека постапуваат по потерници. Но, во интерес на истрагата – за случајот Груби засега нема да споделат никакви информации за јавноста.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.