Јеремиќ: Вучиќ брзо ја губи поддршката на народот
Претседателoт на Народната партија, Вук Јеремиќ, изјави денеска во Врбас на протестот „Еден од пет милиони” дека „се изброени деновите“ на режимот на Александар Вучиќ и ги повика сите граѓани на Србија на 13 април да дојдат на голем митинг во Белград.
„Иво Андриќ еднаш рече дека ‘доаѓа така понекогаш време кога паметните молчат, будалите зборуваат, а фукарата се збогатува’. Во Белград на 13 април, паметните ќе прозборат,а будалите ќе замолчат и фукарите кои се збогатија ќе мора да го вратат ‘секој денар што го украле од народот”, рече Јеремиќ.
Јеремиќ рече дека Вучиќ забрзано ја губи поддршката од народот и дека има сè повеќе луѓе кои не се плашат да кажат дека копнеат за слобода и демократија.
„Со Вучиќ на крај ќе останат само неговиот брат, Тони Блер и Герхард Шредер, Вулин и Јутка. И Жељко Митровиќ ќе остане со него, а на наша страна ќе бидат слободни луѓе од Србија и сите градови во кои граѓаните протестираат. Дојдете и уверете се на 13 април”, рече Јеремиќ.
Јеремиќ истакна дека Војводина е „најплодното парче земја“, на потегот од Северното Море до Медитеранот, и има капацитет да нахрани половина Европа.
Јеремиќ рече дека Вучиќ не смее да дозволи во име на државата и на нацијата трајно да се откаже од Косово и Метохија, бидејќи тука нема да биде крајот.
„Потоа, за да ја спаси главата, ќе му бараат уште. Прво да ги пушти мигрантите, па да се откаже од Република Српска па да влезе во НАТО. Барањата нема да завршат, и тој ќе ги исполни во борбата за гол опстанок. Мораме да му застанеме на патот додека не биде предоцна”, рече Јеремиќ.