Јанша: Некои членки на ЕУ веќе планираат задолжителна вакцинација
Словенија во моментов има само околу 40 потврдени случаи на зараза со делта-видот на коронавирусот, рече премиерот Јанез Јанша во парламентот, но додаде дека четвртиот бран е неизбежен ако најмалку 70 проценти од населението не биде вакцинирано до крајот на летото.
Во контекст на ова, Јанша истакна дека во Европа постојат и мислења за воведување на задолжителна вакцинација.
„Ако не достигнеме 70 проценти, тогаш ќе имаме четврт бран и сè ќе биде затворено наесен“, рече Јанша во парламентот, одговарајќи на пратенички прашања за состојбата со епидемијата.
Отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата дека неговата влада лошо се справила со здравствената криза и дека одзивот за вакцинации бил помал затоа што кај луѓето не била создадена доволна доверба, Јанша сепак подвлече дека како во Европа, така и во Словенија нивото на вакцинации треба значително да се зголеми, со цел летото и есента да поминат што е можно понормално.
„Ако наесен имаме сериозен бран во Европа поради делта-видот, тогаш самите ќе бидеме виновни. Тогаш ќе треба да се запрашаме како навреме успеавме да развиеме ефикасна вакцина против Ковид-19, а не можеме да ги убедиме луѓето да се вакцинираат“, изјави Јанша.
Тој воедно увери дека некои земји членки на ЕУ веќе подготвуваат законски решенија за задолжителна вакцинација против Ковид-19 на некои категории на население, некои, според него, размислуваат за задолжителна вакцинација на сите возрасни лица, некои за задолжителна вакцинација за медицински персонал, вработени во домовите за стари лица, работници во снабдувањето, туризмот и слично, а како што вели Јанша, има и предлози да се укине правото на бесплатно тестирање за коронавирус на оние кои не сакаат да се вакцинираат.
Иако ова засега не е предлог на Владата, според Јанша, Словенија ќе мора да разговара за ваквите решенија и да донесе конечна одлука.
Тој се согласи дека би било добро сите парламентарни групи и Владата да објават јавен повик за вакцинирање на граѓаните, но додаде дека ќе биде поефикасно доколку централните медиуми, со своите активности, по примерот во други земји, ја помогнат владината кампања. Словенечкиот премиер предлага посебни емисии во кои би биле поканети медицински експерти за да им укажат на придобивките од вакцинацијата на оние кои се колебаат да се вакцинираат од различни причини и да ги елиминираат предрасудите или дезинформациите што ги обесхрабруваат луѓето да бидат вакцинирани.