„Што по ѓаволите може да загубите!!!“, им крикна Трамп на гласачите во Калифорнија
Претседателот Доналд Трамп рано утрово исфрли бизарен твит, во кој очајно ги моли гласачите во традиционално демократската држава Калифорнија да гласаат за него.
Луѓето бегаат од Калифорнија. Даноците се превисоки, криминалот е премногу висок, струјата преслаба, престроги карантини“, објави на Твитер 74-годишниот Трамп нешто по полноќ.
„ГЛАСАЈТЕ ЗА ТРАМП, ШТО ПО ЃАВОЛИТЕ МОЖЕ ДА ЗАГУБИТЕ!!!“, додаде тој.
Во последните неколку месеци Калифорнија беше опустошена од повеќе шумски пожари, од кои некои продолжуваат да пустошат низ Голден Стејт, што принудува некои жители да бегаат.
Државата во текот на летото беше погодена и од рекорден топлински бран, предизвикувајќи повеќекратно прекинување на електричната енергија, или „слаба струја“, како што тоа го нарече претседателот.
Според последните анкети, во таа држава Трамп заостанува зад својот демократски противкандидат Џо Бајден за околу 30 проценти.
Демократите ги контролираат сите функции во државата, доминираат во законодавниот дом и ги држат сите, освен осум, од 53-те места на Калифорнија во американскиот дом.
На помалку од три недели до денот на изборите, останува да се види дали невообичаениот повик на претседателот ќе има некакво влијание во Калифорнија.
Вчера сопругата на Трамп, Меланија, потврди дека нивниот син Барон е тестиран позитивно на коронавирусот, но рече дека нема никакви симптоми.
Таа објави долга белешка опишувајќи го своето лично искуство со ковид-19, во која рече дека била погодена од „цел ролеркостер“ од симптоми, поради што консумирала витамини и здрава храна.
Трамп, пак, на предизборниот митинг во средата вечерта во Ајова рече: Барон вирусот „го имаше толку краток временски период, што дури и не мислам дека знаеше дека го има“.
„Барон е добро“, додаде тој, користејќи го брзото закрепнување на својот син како аргумент за повторно отворање на училиштата. „Тоа се случува. Луѓето го добиваат и тој поминува. Вратете ги децата на училиште. Мораме да ги вратиме децата на училиште“.