Штедливите домаќинства ќе плаќаат незначително помалку за струја од 1 јануари, чувствително намалување на сметките на малите компании
Ако домаќинство чија потрошувачка била во првиот и вториот блок и плаќало 2.000 денари за струја, од 1 јануари, доколку ја има истата потрошувачка, ќе плати педесетина денари помалку, пари доволни да се купи еден леб или едно чоколадо.
Значително поевтинување на цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари нема да има, додека за малите компании кои се на регулираниот пазар ќе има осетно намалување на висината на сметките за потрошена струја.
Регулаторната комисија ги соопшти новите цени за струја кои ќе важат за тарифните блокови и малите компании. Дел од клучните параметри за формирање на цената на струјата, Регулаторна ги намали за да ја компензира одлуката на Владата за зголемување на ДДВ-то за струја од 5 на 10 отсто. Преносот на електрична енергија е понизок за 8,66 отсто, додека мрежарината се намалува за 19,5 отсто.
Од 1 јануари домаќинствата ќе плаќаат пониски цени за киловат час во првиот и вториот блок додека за третиот и четвриот блок цената ќе се зголеми. Во блок 1 киловат час сега ќе чини 7,41 денар, во вториот 7,84 денари, во третиот 8,74 денари а во четвриот блок 18,81 денар. Кај евтината струја нема поместување и цената останува речиси идентична четири денари по киловат час.
Кога станува збор за, речиси, 70.000 мали компании на регулираниот пазар, намалувањето е далеку поголемо. Од 1 јануари новиот киловат час во скапа тарифа ќе чини 13,73 денари, додека во евтина 10,78 денари.
Според Бислимовски, клучно при одредување на новите цени на струјата било заштита на животниот стандард и стимулирање на потрошувачите за рационално трошење, но и зголемено производство на ЕСМ.