Швајцарија ја одобри вакцината Фајзер/Бајонтек против коронавирус
Швајцарија ја одобри употребата на вакцината од лабораториите на Фајзер и Бајонтек против ковид-19, објави денеска националното регулаторно тело Свисмедик.
„По внимателно разгледување на достапните информации, Свисмедик заклучи дека вакцината против ковид-19 од компаниите Фајзер и Бајонтек е безбедна и дека нејзините предности ги надминуваат ризиците“, се вели во соопштението.
Ова е прва вакцина против коронавирус која е официјално одобрена во Швајцарија.
„Бевме во можност да ја донесеме оваа одлука брзо и истовремено да се осигураме дека се почитуваат трите клучни услови, безбедност, ефикасност и квалитет“, рече директорот на Свисмедик, Рамунд Брухин.
Швајцарија, која има 8,6 милиони жители, однапред обезбеди договори за 15,8 милиони дози вакцини против коронавирус од три различни лаборатории – три милиони од Фајзер/Бајонтек, 7,5 милиони дози од американската компанија Модерна и 5,3 милиони дози од Астра зенека.
Овие вакцини бараат две дози по пациент.
Вчера, швајцарската влада објави нови мерки во обид да се потисне епидемијата ковид-19, која продолжува да се шири во дел од земјата.
Швајцарија бележи повеќе од 4.000 новоинфицирани со коронавирус и повеќе од сто мртви секој ден.
Вкупно 400.000 случаи и 6.000 смртни случаи се пријавени во земјата од почетокот на пандемијата.
Вакцината на Фајзер/Бајонтек е одобрена во Соединетите Држави, Велика Британија, каде веќе се започнати вакцинациите, како и во неколку други земји.
Европската агенција за лекови се состанува на 21 декември за да разгледа одобрување за пласирање на вакцината Фајзер/Бајонтек на пазарот, со цел да се започне кампањата за вакцинација веќе на крајот на декември во 27 земји на ЕУ.
