Четворица загинати во руските напади на Лвов- иднината на Пригожин нејасна

Најмалку четворица загинаа во најновиот руски напад врз стамбени објекти во Лвов, градот во западна Украина. Повредени се повеќе од 30 луѓе, а меѓу нив има и деца. Нападот бил извршен со ракети Калибр, лансирани од Црното Море. Според локалните власти оштетени се неколку станбени куќи, деловен центар, студентски кампус и училиште.
Воздухопловните сили на Украина известија дека пресретнале седум од десетте крстосувачки ракети Калибр во еден часот по полноќ. Градоначалникот Андриј Садови рече дека се оштетени околу 60 станови и 50 автомобили во областа на нападот. Итната помош се уште бара преживеани под урнатините, досега се извлечени седум луѓе, а евакуиарни се 64.
Ова е најголемиот напад во војната што трае повеќе од 16 месеци врз цивили во Лавов, град кој е далеку од бојното поле и се наоѓа на околу 70 километри од границата со Полска, членка на НАТО. На почетокот на војната Лвов служеше како главна транзитна точка на милиони бегалци од различни делови на земјата кои ја преминаа границата кон Европа а стотици илјади Украинци останаа во помирниот и побезбеден Лавов.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска е во посета на Бугарија, објави видео на интернет на кое се гледаат разурнатите згради и рече дека ќе има одговор. Се очекува Зелеснки со бугарските власти да потпише заедничка декларација за евроатлантските интеграции на Украина и меморандум за соработка во областа на енергетиката.
Во меѓувреме Русија и Белорусија си ја префрлаат топката за тоа каде е шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин кој го водеше бунтот против Кремљ. Белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој помогна да се постигне договор за Пригожин, вели дека тој е во Санкт Петербург, а неговите трупи останале во камповите.
Што се однесува до Евгениј Викторович Пригожин, тој е во Санкт Петербург. Каде е утрово? Можеби отпатува за Москва или можеби е на друго место, но не е на територијата на Белорусија – Александар Лукашенко, претседател на Белорусија.
Белорускиот лидер рече дека понудата Вагнер да стационира некои од неговите борци во Белорусија – перспектива што ги вознемири соседните земји на НАТО – сè уште постои и тој понуди неколку воени локации од советската ера за нивна употреба. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков рече дека неговата земја „не го набљудува“ Пригожин, но и дека не ги знае сите информации од разговорите меѓу Лукашенко и Путин.
Не ги следиме неговите потези, немаме ниту можност, ниту желба да го сториме тоа. Александар Григориевич (Лукашенко) исто така рече дека има планови за средба со претседателот на Русија. Па, навистина, двајцата претседатели Путин и Лукашенко – тие често комуницираат, а ние не известуваме за сите нивни телефонски разговори, рече Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Путин.
По прекинот на бунтот против Кремљ на 24 јуни во замена за амнестија и безбедносни гаранции за Вагнеровите војници се појавија неколку детали од договорот, но сега нејасна е иднината на Пригожин.