ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Чавушоглу: Договорот за Нагорно-Карабах е голема победа за Азербејџан

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, упати честитки до Азербејџан за ослободувањето на неговите окупирани територии, а договорот за Нагорно-Карабах го нарече голема победа за Баку, пренесува „Анадолија“.

„Ќе продолжиме да го поддржуваме Азербејџан. Договорот е голем успех и победа за Азербејџан. Териториите, што се под окупација 30 години, се ослободени“, изјави Чавушоглу на прес-конференцијата во Анкара посочувајќи дека Турција е во контакт со сите страни за надзор на договорот за ставање крај на спорот во врска со Нагорно-Карабах.

Рускиот претседател, Владимир Путин, претходно објави дека Азербејџан и Ерменија потпишале договор за создавање на потребните услови за долготрајно и сеопфатно решение за долготрајниот конфликт во Нагорно-Карабах. Објавата за потпишувањето договор доведе до прослави во многу азербејџански градови, при што илјадници лица ги носеа азербејџанското и турското знаме пеејќи ги химните.

Претходно, и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев порача дека договорот за Нагорно-Карабах, кој го потпишале Азербејџан, Русија и Ерменија, претставува воен пораз на Ерменија.

„Денес е завршен проблемот меѓу Азербејџан и Ерменија за Нагорно-Карабах“, изјави Алиев и додаде дека договорот на трите земји претставува последна точка во врска со решавањето на ова прашање.

Алиев потврди дека со договорот се запрени воените операции во регионот и дека Азербејџан и Ерменија ќе ги задржат позициите што сега ги контролираат.

Тој изјави дека на линијата на контакт во Нагорно-Карабах ќе бидат распоредени 1.960 руски војници во рамките на мировните сили, кои ќе располагаат со 90 оклопни возила. Руските мировни сили во регионот ќе останат пет години, а ако не дојде до жалба од една од страните најмалку шест месеци пред истекување на мисијата, нивниот престој ќе биде автоматски продолжен.

Алиев најави и учество на Турција во механизмот за надзор за спроведување на примирјето, која таа улога ќе ја извршува преку офицер во заедничкиот центар за надзор, во кој ќе биде и Русија.

„Турција официјално ќе учествува во решението на овој судир и во надзор на спроведувањето на примирјето. Сакам да ги пофалам напорите на Реџеп Таип Ердоган и претседателот на Русија, Владимир Путин, бидејќи тие во овие 45 дена вложија големи напори да се дојде до решението“, изјави Алиев.

Тој посочи и дека сегашниот договор не го третира статусот на Нагорно-Карабах.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.