Цицонков: За гасот кој беше донесен во Скопје пред 25 години не изградивме дистрибутивна мрежа
Најголемото аерозагадување од греењето со дрва на домаќинствата во зимските месеци можеше да се избегне, доколку пред 25 години, кога гасот пристигна во Скопје беше изградена дистрибутивна мрежа од страна на државата или Град Скопје. Ова е ставот на енергетичарот и пензиониран професор на Машинскиот факултет, Ристо Цицонков. Според него, со изградбата на гасоводот до Скопје, гасот бил донесен до големите фабрики и до топланите Исток и Запад, но нема дистрибуција на гас до помалите потрошувачи.
ИМАМЕ ГАС СТИГНАТО ПРЕД 25 ГОДИНИ. МОЖЕШЕ ДА СЕ НАПРАВИ УШТЕ ОД ТОГАШ И СЕГА, ГАСОВОДНА МРЕЖА , ДИСТРИБУТИВНА МРЕЖА ДО ПОМАЛИТЕ ПОТРОШУВАЧИ И ДА СЕ КОРИСТИ ГАС И ЗА ГРЕЕЊЕ И ЗА ДРУГИ ПОТРЕБИ. И ДА СЕ ИЗБЕГНЕ УПОТРЕБАТА НА ДРВА, ЗАШТО ОД НИВ НАЈМНОГУ НАСТАНУВА ОВА АЕРОЗАГАДУВАЊЕ, ИЗЈАВИ ЕНЕРГЕТИЧАРОТ, РИСТО ЦИЦОНКОВ.
Иако Македонија е една од последните земји во Европа што го воведе гасот, Цицонков смета дека тоа што е пропуштено да се направи гасоводна мрежа пред 25 години, не значи дека денес треба така да се постапи. Подобро е гасот да се користи за комбинирано производство на електрична и на топлинска енергија како во АД ТЕ-ТО, зашто при согорување се користи до 90% од потенцијалната моќност на гасот.
АКО ВЕЌЕ СЕ КОРИСТИ ГАСОТ, ТРЕБА ДА СЕ КОРИСТИ НА ТОЈ НАЧИН. НИЕ ИМАМЕ ЕДНА ТАКВА ГОЛЕМА ПОСТРОЈКА. ТОА Е ТЕ -ТО – ТЕРМОЕЛЕКТРАНА ТОПЛАНА. И ТАКВИ ПОСТРОЈКИ МОЖЕ ДА СЕ НАПРАВАТ УШТЕ. ВСУШНОСТ, ВО СТРАТЕГИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА ЕНЕРГЕТСКИ РАЗВОЈ, УШТЕ ПРЕД 20 – 30 ГОДИНИ , ИМА ТАМУ НАВЕДЕНО ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ГРАДИ ТЕ-ТО ДРЖАВНО, НЕ ПРИВАТНО. И ВО СКОПЈЕ, А СЕГА ВО НАЈНОВАТА СТРАТЕГИЈА СЕ СПОМЕНУВА ИЗГРАДБА И ВО ПОМАЛИ ГРАДОВИ, ВО ТЕТОВО И СЛ, ВЕЛИ ЦИЦОНКОВ.
Најдобро е кога се работи истовремено и на производство на електрична и на топлинска енергија зашто е најекономично и за Те-То и за градот Скопје, вели Цицонков. За греење може да се користат различни начини , меѓу кои се топлинските пумпи, биогоривата и сл. Меѓутоа со согорување на гасот се добива температура од 2000 степени и штета е неа да ја користиме за загревање на простории во кои е потребна температура од 20 степени, дополнува Цицонков.