Ципрас: Ќе почека протоколот за членство на Македонија во НАТО
Процесот на ратификација на Договорот од Преспа во Грција ќе започне веднаш по завршувањето на уставните измени, а протоколот за НАТО ќе биде ратификуван подоцна од технички причини, вели во интервју за телевизијата Open TV грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој детално ги опиша последните чекори кои Владата ќе ги преземе откако договорот во Македонија ќе стапи на сила.
Според неговите проценки, грчите пратениците ќе ја гласаат ратификацијата овој месец. Тој изрази уверување дека во парламентот има мнозинство, како за договорот од Преспа, така и за довербата во Владата, изразувајќи надеж дека неговиот коалициски партнер нема да ја напушти коалицијата. Ципрас истакна дека Панос Каменос нема да биде причина за евентуален пад на Владата поради Договорот од Преспа. Ако не добие поддршка од Каменос, Ципрас е подготвен сам да побара од парламентот гласање за доверба на својот кабинет.
Имам намера, откако промените ќе бидат изгласани во Парламентот во Скопје и кога Министерството за надворешни работи ќе биде информирано, резултатите веднаш да ги предадам на претседателот на државата, на претседателот на парламентот и на партиите, истакнува Ципрас.
Тие мора да имаат претстава за тоа какви промени се направени, дали е запазена рамката на договорот што го потпишавме, а потоа ќе најдеме согласност со претседателот на Собранието да започне процесот, додаде грчкиот премиер. Според Ципрас, на Македонија нема да и биде потребно повеќе од една недела за да ја информира Грција.
Во врска со втората обврска на Грција во однос на протоколот за членство во НАТО, Ципрас рече дека сè ќе зависи од процесите во самата Алијанса.
Ова ќе се случи подоцна, но не многу подоцна, од технички причини, бидејќи не можеме да ја ратификуваме интеграцијата во НАТО ако договорот не стапи на сила со согласност на грчкиот парламент, објасни Ципрас во интервјуто.
Што се однесува до неговата средба со германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината поддршка за Преспанскиот договор, Ципрас истакна дека „секоја разумна личност во Европа ќе го поддржи договорот”.