Ципрас по оставката на Коѕијас: Ќе направам се за успешно завршување на историскиот договор
Политички потрес во Грција.. Шефот на дипломатија Никос Коѕијас си поднесе оставка, ден по драматичната владина седница на која дошло до жестока кавга меѓу коалиционирте партнери за
Договорот од Преспа ја зеде првата жртва во грчката влада. Шефот на дипломатијата Никос Коѕијас попладнево поднесе оставка, а премиерот Ципрас експресно ја прифати. Ненадејното заминување на потписникот на Договорот за името ги вџаши сите, но не и грчката влада. Нема да толерирам двојни игри и лични стратегии, се обиде да ги појасни попладнево причините за оставката премиерот Ципрас, без да прецизира дали тоа се однесува на самиот Коѕијас. Изјави дека во наредниот период самиот ќе ја води функцијата министер за надворешни работи.
-Му се заблагодарувамм на Коѕијас за скапоцениот придонес во последниве три и пол години. Во исто време, ги повикувам нашите соседи кои деновиве имаат нивни процеси, да продолжат кон уставни промени, промена на нивното уставно име, како што предвидува Договорот од Преспа. Не постои друга можност. Грција нема да прифати интеграција соседната земја во било која меѓународна организација, во случајов Европската унија и НАТО, со уставно име – Република Македонија, изјави Алексис Ципра, премиер на Р. Грција
Оставката Коѕијас ја понудил уште вчера, кога според грчките медиуми, на владината седница не ја добил очекуваната поддршка од Ципра кога влегол во жестока расправа со најголемиот противник на Преспанскиот договор, Панос Каменос околу различните позиции во спорот за името. Чашата ја прелеал Каменос, кој го обвинил Коѕијас дека ги злоупотребил фондовите во неговото министерство, како и дека бил човек на Џорџ Сорос. Попладнево со пораката на твитер се огласи и Коѕијас, со цитат на познат грчки поет.
-Доаѓа моментот кога мораш да одлучиш каде ќе одиш и кого ќе напуштиш. Работната група и повеќе министри ги донесоа своите одлуки вчера, а јас ја донесов својата. Како и да е, добро е да се потсетиме на стихот: Се обидоа да ме закопаат, но заборавија дека сум семе, напиша Коѕијас.
Можноста за оставка во грчката влада денеска ја навести и владиниот портпарол, која јавноста првично ја протолкува дека се однесува на Каменос, а не на Коѕијас.
Оставката на Коѕијас се случува во момент кога Ципрас се обидува да постигне мнозинство од 151 пратеник во Собранието, неопходни во случај Преспанскиот договор влезе во грчкиот парламент.