Ципрас ги потсети комунистите за Мирка Гинова
Одговарајќи им на сите кои се противат зборот Македонија да биде во името на северниот сосед, Ципрас ги потсети грчките комунисти на „славомакедонскиот буквар и Славомакедонката Мирка Гинова“.
„Ова е ден кој ќе се памети во историјата како почеток на една нова ера за Балканот – модерен, европски, демократски, мирен“, порача доцна синоќа грчкиот премиер Алексис Ципрас во парламентот, во пресрет на денешниот – ден Д кога се очекува да заврши последно продолжение на пленарната седница и да се гласа за за ратификација на Договорот од Преспа. Доколку не се пролонгира расправата, се очекува пратениците да гласаат за Договорот во 14.30 часот.
Бурна расправа синоќа ѝ претходеше на денешната седница. Ципрас во својот говор одговори на сите критики од неговиот политичкиот опонент – лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, а направи и ретроспектива на сите отстапки што ги направиле истите политичари кои денес него го критикуваат за „национало предавство“. Според Ципрас „токму инерцијата и одложувањето кои станале доктрина за надворешната политика на Грција, завршувале со постојани дипломатски порази за грчката страна, и резултирале со фактот што повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, соседната земја ја нарекуваат Македонија.
„Каде бевте во 2008-2009 година, кога беше договорено визна либерализација за пасоши на македонски граѓани во Шенген-зоната?“, ги праша Ципрас критичарите на Договорот.
Завршува последното лицемерие
Грчкиот премиер им се обрати и на пратениците од Комунистичката партија, спомнувајќи ја антифашистичката хероина Мирка Гинова, (родена во село Русилово, Воденско, и осудена на смрт со стрелање на 26 јули 1946 година во Ениџе-Вардар). Тој ја именуваше со македонското име, и со името (Ирини Гини) со кое ѝ се обраќале членовите на грчката Комунистичка партија.
„Не сакам да ја критикувам историјата на Комунистичката партија на Грција, онаа која се однесува на славомакедонскиот буквар кој ваши членови им го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на ДАГ. Ниту 70.000 цивилни бегалци кои грчката држава ги лиши од правото да се вратат во својата татковина во 1983 година. Ниту Славомакедонката Ирини Гини, Мирка Гинова, првата жена стрелана во граѓанска војна. Вие и вашите луѓе соочете се со тоа“, рече Ципрас.
Тој ги осуди и нападите против одредени грчки пратеници кои се залагаат за Договорот за Преспа.
„Сите овие денови сведоци сме на екстремни реторика во јавниот дискурс насочена кон конкретни лица, практика на тероризирање на парламентарци и подметнување пожари во куќите на некои од нив“, рече Ципрас, и посочи дека Мицотакис не нашол ниту еден збор за да ги осуди нападите врз оние кои имаат поинаков став за Договорот.
„Национализмот на Балканот доведе до болни авантури и време да излеземе од порочниот круг на национализмите. Последното лицемерие завршува. Пресушуваат резервите на омраза и поделба која ја сееја политички личности и лидери кои не ги почитуваат ниту историјата ниту иднина на двете земји. Од денеска почнува една нова ера за Балканот“, порача грчкиот премиер на крајот од говорот.