Цените на нафтата ги креваат геополитичките ризици во Европа и на Блискиот Исток

Цените на нафтата пораснаа вчера на меѓународните пазари поради загриженоста околу снабдувањето во атмосферата на тензии меѓу Русија и Западот, и на Блискиот Исток, што веќе тесната понуда на пазарот би можело дополнително да ја стесни.
На лондонската берза цената на барелот порасна за 33 центи на 88,22 американски долари, а во Њујорк барелот порасна 24 центи на 85,38 долари.
Тензиите околу Украина растат со месеци, откако западните земји изразија загриженост дека би можело да дојде до прекин на снабдувањето на Источна Европа поради руските војници во близина на границата со таа земја.
Американскиот Стејт департмент во неделата побара од членовите на дипломатските семејства да ја напуштат Украина.
Пазарите со енергенси веројатно ќе бидат погодени ако тензиите прераснат во конфликти. Со рускиот гас Европа покрива околу 35 отсто од потребите за природен гас. Но Русија во понеделник соопшти дека останува сигурен доставувач на енергија за Европа, дури и во „немирните периоди на меѓусебните односи“.
На Блискиот Исток Обединетите Арапски Емирати пресретнаа и уништија две балистички ракети кои Хутите ги испукаа вчера врз таа земја, како одговор на смртоносниот напад една недела претходно.
Барклис во меѓувреме ги зголеми своите проценки на просечната цена на барел нафта во оваа година за пет американски долари. Банката ги крена своите проценки за просечната цена на барелот во оваа година на 85 долари во Лондон, односно 82 американски долари на американскиот пазар.
Пазарот на нафта е затегнат, а Организацијата на земји извознички на нафта и нејзините сојузници ОПЕК+ се боди да го постигне планираното месечно зголемување на производството од 400 илјади барели дневно.