Харадинај рече дека „пристапот до еден дел од меѓународната заедница во однос на дијалогот со Белград, ја зголемува потребата и Косово да се вооружи“.
„Србија купува оружје во Русија. Франција, исто така, постигна договор со Србија за ракетен систем. Во меѓувреме, тие ни кажуваат дека договорот не можеме да го наречеме ‘договор за меѓусебно признавање во постоечките граници’. Тогаш, што да правиме?’ запраша Харадинај.
Тој додаде дека тие не бараат ништо друго од дијалогот освен меѓусебно признавање.
„Ние сме независна држава. Не бараме ништо друго од дијалогот освен меѓусебно признавање. Ако не сте подготвени за тоа, дали е тоа тогаш порака за нас дека и ние би требало да купиме оружје?“, додаде косовскиот премиер, а пренесе приштинскиот печат.
И потпретседателот на косовската влада Енвер Хоџај тврди дека „милитаризацијата на Србија е закана за регионот“.
„Иако се прогласува воено неутрална, го покажува спротивното. Кој ѝ се заканува на Србија толку за да треба да купи ново оружје од Франција и други и да го зголеми својот систем за противвоздушна одбрана? Милитаризацијата на Србија е нова закана за регионот“, напиша Хоџај на Твитер.