Хаварија во Макстил – четворица повредени работници, еден потешко
Чекал надвор од кабината за да го смени колегата дигалкар кој бил во кабината, зошто смената му почнувала за 10-тина минути. При качувањето на казан полн со стопен челик тежок 60 тона, се скинала сајлата од казанот, и врелиот метал се распрскал на сите страни. Најмногу настрадал токму дигалкарот кој не дочекал да му почне смена за да се смести горе во кабината која требало да му ја отстапи колегата. Глетката била траорна – опиша за „Телма“ трудовиот инспектор кој утринава бил на лице место во погонот на Макстил каде настана тешка хаварија со пожар, нешто пред 7 часот. Настрадаа четворица вработени, кои веднаш беа хоспитализирани. Тројца се пуштени на домашно лекување, еден е задржан на КАРИЛ, соопшти Министерството за здравство
Според информациите од КАРИЛ пак состојбата на повредениот во моментов е стабилна, но неофицијално има изгореници на 40 проценти од телото.
Другите тројца повредени кои биле згрижани во болница, поминале полесно, со помалку изгореници на телото, и затоа биле пуштени дома.
Од компанијата се огласија со соопштение. Детали како дошло до хаваријата не соопштија.
- Утринава во 6;50 часот во погонот челичарница на Макстил при редовни производни активности, поради откажување на дел од опремата на една од дигалките, дојдено е до прскање на течен челик надвор од казанот.Извршен е увид од страна на службата за безбедност и заштита при работа на Макстил и надлежните државни органи и се работи на утврдуввање на причините – соопштија од „Макстил“.
Први на лице место стигнале пожарникарите. Пет возила со 12 пожарникари за помалку од еден час спречиле уште поголема хаварија
МВР излезе и со идентитетот на повредените. Сите повредени се од Скопје на возраст од 27 до 48 години.
- На 16.11.2019 во 07.53 часот во СВР Скопје е пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ се донесени Н.Н.(45), Е.В.(27), С.С.(48), сите од Скопје и Б.М.(35) од скопско, кои се здобиле со повреди на работно место, во „Макстил“. Од четворицата повредени, еден е потешко повреден и е згрижен на КАРИЛ, а другите тројца се пуштени на домашно лекување. На терен постапува Државен трудов инспектор.“-соопшти МВР.
На лице место бил и јавен обвинител кој сега ги чека ,материјалите од сите служби за да оцени дали има елементи за кривично гонење.
Државниот инспекторат за труд конечниот извештај за тоа како дошло до несреќата, ќе го документира наредната недела. Треба да истражи дали повредените биле на соодветните работни места, дали биле пријавени, дали носеле опрема, дали самата дигалка има атест и кога последно е направен. Тогаш ќе има и конечна информација кои се причините за несреќата и кој е одговорен. Од инспекторатот за „Телма“ потврдуваат дека инциденти со повредени работници во „Макстил“ имало и претходно.