Франција размислува да воведе вонредна состојба по насилните протести
„Макрон поднеси си оставка“ „Жолтите елеци ќе победат“…Со овие написи на Триумфалната Порта, денеска осамна Париз, ден по најнасилните протести во изминативе 10 години. Искршени излози, во низа запалени автомобили. Навидум мирниот протест за цените на горивата, брзо излезе од конторла кога инфилтрирани екстремисти се судрија со полицијата. Не ги сопреа ниту водените топови, ниту солзавецот. Продолжија да дивеат низ улиците, да палат, да ограбуваат продавници, па дури се качија и на Триумфалната порта. Пет илјади полицајци се справуваа со демонстрантите до доцна во ноќта. Колку и да ги поддржуваат „жолтите елеци“, парижани утринава вознемирени од она на што личи градот на светлината.
Протестот на жолтите елеци беше оправдан, но сите овие екцеси, големината на штетата, згрозена сум..трауматизирана…- Кога сум заглавен во сообраќајот, трпелив сум зашто мислам дека е позитивен протестот. Но, она што го направија тука нема врска со позитивноста. Му штетат на движењето.
Билансот на повредени е 133-ца, а 23 од нив се полицајци. Уапсени се над 400-тини луѓе. Престедателот Макрон реагираше уште синоќа од Самитот Г20 во Аргентина. Рече дека насилствата немаат никаква врска со мирен израз на легитимната лутина. Утринава се соочи со последиците, и свика итна седница на СБ на која според владини извори се размислува за воведување на вонредна состојба во земјата.
„Жолтите елеци“ протестираат веќе трет викенд. Но, движењето е многу повеќе од протест поради цените на горивата. Луѓето се разочарани од фискалната политика на владата, а на протестите има и луѓе кои не гласаат и не се занимаваат со политика. Се протестира низ цела Франција, се блокираат патиштата, посебно кружните текови и се прави операција полжав, односно се вози бавно за да се создаде метеж на авто-патиштата.
Владата ги повика „жолтите елеци“ да седнат на преговарачка маса. Но, разговорите завршуваат неславно, најмногу поради тоа што жолтите елеци не се организирани, а се собираат преку социјалните мрежи. Протестите не одат во правец на смирување и делува дека добиваат на масовност.
За наредниот викенд е најавена новата фаза под назив „акт 4“, протест кој треба да се случи на плоштадот Бастиља, на кој ќе се бара оставка од Макрон.