Фон дер Лајен го поздрави договорот меѓу Косово и Србија
Топло го поздравувам договорот меѓу Србија и Косово во Брисел, напиша денеска на Твитер претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која ја заврши дводневната посета на Србија.
„Ова е многу позитивен развој по моите средби со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти. Тоа е добро за целион регион, дијалогот сега треба да продолжи“, напиша Фон дер Лајен.
Белград и Приштина постигнаа договор за решавање на кризата во северно Косово, објави денеска на Твитер европскиот специјален претставник за дијалог Мирослав Лајчак.
Тој им се заблагодари на преговарачите од Србија и Косово, Петар Петковиќ и Беким Бислими,за нивната подготвеност за договор.
Според најавениот договор, специјалните сили на косовската полиција распоредени на граничните премини Јариње и Брњак ќе се повлечат истовремено со укинување на блокадите.
процес ќе започне во сабота на 2 октомври во 8 часот наутро и ќе трае до 16 часот истиот ден. Пред „истовременото повлекување“, војниците на КФОР ќе бидат распоредени на овие гранични премини и ќе останат на овие позиции приближно две недели за да обезбедат безбедна и сигурна средина и слобода на движење.
Во текстот на договорот се наведува дека примената на „режимот со налепници“ ќе започне во понеделник на 4 октомври, исто така во осум часот. Ова ќе биде привремена мерка додека не се најде трајно решение.
Исто така, страните се согласија да формираат работна група со претставници од Белград, Приштина и Европската унија. Работната група ќе ја водат претставници на ЕУ, а таа ќе има за цел да најде трајно решение за регистарските таблички „врз основа на стандардите и практиките на ЕУ“.
Како што е наведено во текстот на договорот, првиот состанок на работните групи ќе се одржи на 21 октомври во Брисел.
„Во рок од шест месеци од првиот состанок, оваа работна група ќе излезе на највисоко ниво на политички дијалог со наодите за трајно решение“, стои во текстот на договорот објавен од Мирослав Лајчак.