„Фингерпринтовите“ го продолжија гласањето
Апаратите за отпечатоци на прсти, кои за првпат се употребуваат на избори во земјава, го продолжија гласањето во оние избирачки места каде имало застој. По 19 може да гласаат они луѓе кои се затекнале на гласачкото место и оние кои чекаат во дворот пред местото каде што се гласа. Изборниот молк ќе трае се додека не се затвори и последното избирачко место. МВР има пријави, а Обвинителство отвора предмети за евентуални изборни нерегуларности.
Избирачките места каде што имало гужви нема да затворат во 19 часот, кога требаше гласањето да заврши. Државната изборна комисија соопшти дека таму гласањето продолжува и ќе гласаат не само они што во 19 часот се затекнале на гласачкото место, туку и они кои чекаат надвор, во кругот на избирачкото место.
Застојот во гласањето го предизвикаа апаратите за читање отпечатоци од прст, кои за првпат се употребуваат на избори во земјава, оти дел од примероците од отпечатоци од прсти што ги добиле од МВР не биле целосно читливи, велат од Државната изборна комисија( ДИК). Гласачите за кои нема совпаѓање за отпечатоците, гласаат на стариот начин со спреј и УВ ламба.
„Потенцирам дека ДИК нема да донесе одлуки за гласање без употреба на фингерпринт освен во точно шест избирачки места за кои известивме, а тоа се избирачки места во Ново Село, Старо Нагоричане, Студеничани, Чаир, и две во Чучер Сандево. Значи известуваме дека изборниот молк ќе трае се додека се одржува гласањето и по 19 часот додека да се овозможи да гласаат сите гласачи кои дошле пред објектите на гласање“, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Но гужвите пред гласачките места се направија и поради ковид-протоколите и поради тоа што има повеќе гласачки ливчиња, додаваат од ДИК и апелираат да се гласа со апаратите за отпечатоци на прсти.
„Бидејќи во спротивно доколку не се гласа така согласно со измените на законот, гласањето ќе мора да биде поништено, а овие лица ќе мора да бидат санкционирани, бидејќи тоа го направиле без одлукана ДИК“, рече Даштевски.
Излезноста од 17 часот, според ДИК изнесува 41,38 проценти што е за 7 процентни поени пониска од излезноста на минатите локални избори во 2017 година, кога до 17 часот на гласање излегле 48,95 проценти од запишаните избирачи.
Од ДИК соопштија дека на овие избори резултатите ќе бидат објавени околу или по полноќ бидејќи ќе се споредуваат.
Дел од граѓаните кои екипата на РСЕ ги затекна на гласање потврдуваат дека имале проблеми со таканаречените „фингерпринтови“.