Фетаи: Додатоците ги одредуваше Јанева, не се далеку од патните трошоци на пратениците
Бонусите од илјадници евра годишно не се спорни за поранешните обвинители на СЈО. Парите биле гаранција дека нема да откриваат што слушале во прислушуваните разговори.
„Од прилика секој обвинител примил по 22 илјади евра годишно како надоместок, што не е и многу многу далеку од примањата кои што за патни трошоци ги имаат пратеници во нашата држава“, изјави Фатиме Фетаи, поранешен обвинител од СЈО.
Фетаи вели дека лично Катица Јанева одлучувала колкав бонус ќе добиваат обвинителите. Според информациите на Министерството за финансии, таа за себе одделувала најмногу – во четири годишниот мандат на нејзината сметка префрлила 157 илјади евра. Секоја година надоместокот бил различен, а од почетокот на годинава сумата достигнала 4 илјади евра месечно.
Алатката „отворени финансии“ покажа дека останатите обвинители за време на својот мандат во СЈО зеле од 70 до 100 илјади евра за доверливост.
Високите надоместоци сега се под лупа на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција чии истражители вчера влегоа во просториите на СЈО. Од обвинителството денеска велат дека се одземени документи поврзани со исплатите на бонусите и во тек е нивна анализа. Претходно, истраги најавиа УЈП и антикорупциската комисија.
„Со светлосна брзина сите институции се јавија и изразија спремност да го истражат овој спорен момент, небаре се работи за криминал на деценијата. Камо среќа на тој начин и со таква брзина да постапуваа сите овие институции во изминатиот период така да воопшто ќе немаше потреба и од формирање на СЈО. Се чудам како и Европол не е вклучен во истрагата“, вели Фетаи.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бонусите на обвинителите од СЈО е пример за организиран грабеж на државниот буџет.
„Нема поголема иронија кога Фатиме Фетаи се обидува да се оправда за стотиците илјади евра, повикувајќи се на патните трошоци кои пратениците во собранието ги земале, а за истите тие патни трошоци, истатата таа Фатиме Фетаи отвораше кривична истрага“, вели Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО ДПМНЕ прашува и за што му биле исплаќани пари на првиот човек на финансиската полиција како и на неговата сопруга. Сметаат дека активностите кои ги вршел за СЈО биле во рамки на неговата редовна работа.
Специјалното обвинителство со години не ги откриваше податоците за исплатата на хонорари и надоместоци дополнително од редовните плати.
Претходно од морални причини поради исплата на дополнителни средства за патни трошоци и присуство на седници, оставки си поднесоа членовите на поранешниот состав на ДИК и на поранешната Антикорупциска комисија.