ФАО ќе ja засилува отпорноста на земјоделскиот сектор
Климатските промени предизвикуваат големи штети на земјоделското производство, влијаат на егзистенција на руралните средини и на безбедноста на храната. Особено ранливи на климатските промени се малите земјоделски стопанства, поради нискиот капацитет за адаптација предизвикан од низа фактори, меѓу кои ограничена едукација за влијанијата на климатските промени, недостиг од средства за тестирање и демонстрација на адаптивни земјоделски практики, недоволни системи за наводнување во однос на капацитетите и техниките за заштеда на вода…
Зголемувањето на отпорноста на земјоделството, како клучен сектор во македонската економија и важен работодавец во руралните средини, е еден од основните национални приоритети и клучна област за соработка помеѓу ФАО (Организација за храна и земјоделство при ООН) и Владата на Македонија.
Токму поради тоа, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најавија нов проект за техничка соработка, чија цел е да се зголеми отпорноста на земјоделскиот сектор преку зајакнување на координацијата и капацитетите на институционално ниво, како и преку промовирање добри земјоделски практики за отпорност кон климатските промени за самите земјоделци.
– Во рамки на проектот, ФАО ќе му помогне на Министерството да развие нова стратегија за наводнување. Дополнително, ќе се обезбеди техничка поддршка за унапредување на дел од активностите на Управата за хидрометеоролошки работи, подобрување на размената на климатските информации и нивната примена во земјоделството, како и поддршка за други политики, како методологија за штети и загуби во земјоделството како резултат на природни катастрофи. Она што е исто така важно е дека овој проект ќе пилотира нови, климатски паметни технологии на терен, за да ја приближи нивната примена до земјоделците и другите засегнати страни – се наведува во соопштението на ФАО.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски истакна дека стратегијата за наводнување ќе биде насочена кон дијагностицирање на проблемите и дефинирање концепт на развој и одржливост на хидромелиоративните системи во Македонија во наредните 20 години, а ќе се утврди и потребата од инвестиции во постојната инфраструктура, како и градење нови системи во согласност со потребите на земјоделското производство.
Проектот ќе трае 19 месеци, а во неговата имплементација ќе бидат вклучени надлежните министерства, институции, владини агенции, земјоделски здруженија…