ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

УСТАВНИОТ СУД ТРЕБА ДА ГИ ШТИТИ ГРАЃАНИТЕ, А НЕ ГРАДЕЖНАТА МАФИЈА, РЕАГИРА АКАДЕМИК ВЛАДО КАМБОВСКИ ЗА УКИНУВАЊЕТО НА МОРАТОРИУМОТ ВО ЦЕНТАР

Академик Владо Камбовски реагира на одлуката на Уставниот суд времено да го укине мораториумот за градба во Општина Центар, велејќи дека се ставил во заштита на бизнисот, наместо на човековите права и слободи. Тој го посочи уставниот судија Дарко Костадиновски, кој изјави: „Ќе платиме голема цена ако толерираме излегување од рамките на Уставот и законот. Не може оправдание да биде хуманото живеење и поквалитетен живот. Ако си донесат ваква мерка сите општини на што ќе личи оваа држава? Просто е, Советот на Општина Центар ги пречекорил ингеренциите‘.

Коментирајќи ја оваа негова изјава, Камбовски се чуди како воопшто овој човек може да биде судија во Уставен суд.

„Во овој случај, Уставниот суд постапил спротивно на уставното начело за заштита на човековите слободи и права и на владеењето на правото, и во таа смисла е многу скандалозна изјавата на судијата Дарко Костадиновски. Тој судија не ја разбрал азбуката на правото и на Уставот и според мене, прашање е како може да биде судија на Уставниот суд“, вели Камбовски.

Камбовски ја повика Владата прва да реагира на оваа појава, бидејќи таа е повикана да поведе остри мерки против корупцијата и организираниот криминал.

„Во досегашната практика градежната мафија беше една од најрепрезентативните примери на организиран криминал и корупција, со донесување на урбанистички планови, со коруптивни акти и зделки, незаконитости при изведбата на градбите, итн“, вели академикот и професор по кривично право.

Второ, вели Камбовски, посебно за градовите како што е Скопје, за кои и МАНУ расправаше на конференцијата за загадувањето пред неколку месеци, тежок проблем е пренаселеноста. Скопската котлина има капацитет за 350-400.000 жители.

„Сè друго е погубно, не само за квалитетот на животот, туку и за здравјето и животот на граѓаните, кои се повредни од кој било профит и економска активност“,

Тој предлага Владата да предложи во донесувањето на законите за урбанистичко планирање и градба, контролиран мораториум, а не ан-блок мораториум.

„Контролиран мораториум значи со тие измени Град Скопје и општините под итно да почнат со преиспитување на урбанистичките планови и само таму кај што нема загрозување на животната средина и другите услови, да ги дозволат“, појаснува Камбовски и повторува дека Владата не смее да остане без реакција во никој случај.

„Од Матка до ’Холидеј Ин‘ се случуваат скандалозни работи“, вели Камбовски.

Од Град Скопје и Општина Центар тој очекува да поднесат иницијатива пред Уставниот суд за оценка на уставноста на веќе донесените урбанистички планови, со предлог за итна мерка: Уставниот суд да прогласи суспендирање спорни планови додека не се преиспита законската регулатива и начелата на кои се донесуваат тие урбанистички планови.

Трето, вели Камбовски, во однос на Уставниот суд, оценка е дека таа институција и понатаму продолжува да потфрла под барањето да претставува најзначајна институција во заштитата на човековите слободи и права и на владеењето на правото, но не правото или законите како што ги сфаќаат некои уставни судии: секој закон е закон.

„Тоа се закони кои се во служба на заштитата на човековите права и на јавниот интерес. А нема повисок јавен интерес од интересот за заштита на човековите слободи и права“, завршува Камбовски.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.