УКРАИНА ГУБИ 100-200 ВОЈНИЦИ ДНЕВНО ВО БАХМУТ, НО СМЕТА ДЕКА ПОВЛЕКУВАЊЕТО БИ БИЛО НЕМОРАЛНО ПО ТОЛКУ МНОГУ ЖРТВИ
Руските сили ги притискаат украинските трупи од три страни во Бахмут, град во источниот регион Доњецк, за кој се води најдолгата и најкрвава битка од почетокот на руската инвазија. Украинските власти инсистираат на продолжувањето на одбраната на веќе уништениот град, и покрај загубите од околу 100-200 војници дневно и некои велат дека причината за тоа е повеќе политичка и симболичка, отколку практична. Повлекувањето од градот по толку многу загинати војници би била тешка реалност за прифаќање.
Русија го напаѓа Бахмут уште од јули, што се засили есеноска, откако Путин нареди мобилизација на стотици илјади резервисти, а во битката се вклучија и платениците на „Вагнер“, главно регрутирани од затворите.
Претседателот Володимир Зеленски неодамна кажа дека падот на Бахмут ќе значи отворен пат за руските сили кон поголемите градови во Доњецк, како Краматорск и Словјанск. Сепак, војниците на фронтот и западните аналитичари сметаат дека големите украински жртви се причината поради која Киев би требало и не би требало да го предаде Бахмут.
„Имаме подготвени позиции за повлекување, а причината што и натаму сме таму е политичка“, вели Андриј, заменик-заповедник на украински баталјон кој се бори во Бахмут.
Во втората недела од февруари се појавија снимки од уништени мостови кон Бахмут, на територија контролирана од Украинците, што ги поттикна шпекулациите дека се подготвува повлекување. Воените аналитичари се согласуваат дека во тој случај, линијата на фронтот и натаму би била доста далеку од соседните градови Краматорск и Костјантинивка, а украинските сили веќе не би се соочувале со напади од три страни.
Московски аналитичар со врски во руското министерство за одбрана процени дека досега загинале меѓу 6.000 и 8.000 руски војници во Бахмут, главно неодамна регрутирани затвореници.
„Проблемот е што Русите имаат премногу луѓе. Испраќаш дрон, гледаш петмина руски војници на едно место и ги гаѓаш. Потоа се појавуваат уште 20“, вели украински воен заповедник по име Володимир, кој додава дека повлекувањето од Бахмут би било неморално, имајќи предвид колку негови луѓе загинале досега.
Киев кажа дека во Бахмут загинале и 4.000 цивили.