ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Угостителските објекти во Грција од утре без музика и со ограничено работно време, новогодишната ноќ до два часот по полноќ

Угостителските објекти, кафулињата и ноќните клубови во Грција, од утре ќе работат до полноќ, без музика, со забрането стоење и со најмногу шест лица на маса, додека пак за новогодишната ноќ, единствена разлика е продолженото работно време до два часот по полноќ, јави дописничката на МИА од Атина.

Поради рекордниот број новозаразени, новите мерки соопштени минатата седмица, наместо во понеделник на 3 јануари, стапуваат во сила утре наутро, четири дена порано.

Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис соопшти дека угостителските објекти и сите простори за забава, ќе затвораат на полноќ, забранета ќе биде и музиката, но и стоењето, а на една маса ќе може да седат до шест лица.

Објасни дека единствено отстапка има за 31 декември, кога работното време ќе биде до два часот по полноќ, но ќе важат истите мерки, односно дочекот на Новата година ќе биде без музика и само со седење.

Меѓу останатите мерки што се воведуваат од утре, се и: ограничување на бројот на гледачи на спортски натпревари на 10 отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица, до 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор ќе работат од дома, а маската со висока заштита КН95, освен за супермаркетите и јавниот превоз,каде што е веќе задолжителна од петокот, од утре, задолжителна ќе биде и за вработените во угостителскиот сектор.

Плеврис, соопштувајќи ги мерките истакна дека во земјата веќе доминира варијантата Омикрон, додека пак хоспитализираните се заразени со Делта варијантата и токму ова мутација, во овој момент предизвикува притисок врз здравствениот систем.

Објасни дека постои договор со приватните клиники за да отстапат кревети и персонал.

Деталите околу новите мерки, како што е пракса во Грција, ќе бидат објаснети во министерската одлука, што се очекува во текот на денот да биде објавена во Службен весник.

Вчера во Грција беа регистриран рекордни 21.657 новозаразени, највисок број дневни случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата,а според најавите, се очекува денеска оваа бројка да биде уште повисока.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.