Увидот во кумановскиот суд е одложен за утре, денеска сè уште е небезбедно да се влегува

Увидот е одложен поради укажувањата на командирот на Територијалната противпожарна единица од Куманово кој ни објасни дека не е безбедно и дека ќе има пожарна стража до утре. Останува утре да се изврши увидот, доколку се обезбедат сите услови, вели шефицата на кумановското обвинителствоУвидот во кумановскиот суд, кој вчера беше зафатен од пожар, а кој требаше да биде направен денеска, е одложен за утре. Укажувањата на противпожарната единица биле дека се уште не е безбедно да се влегува, а пожарна стража пред судот ќе има до утре.
„Увидот е одложен поради укажувањата на командирот на територијалната противпожарна единица од Куманово кој ни објасни дека не е безбедно и дека ќе има пожарна стража до утре. Останува утре да се изврши увидот, доколку се обезбедат сите услови“,
вели за МИА Теута Бедиу Рамадани, шефица на кумановското обвинителство.
Во увидот во кумановскиот суд, покрај Бедиу Рамадани, ќе учествува и дежурен обвинител од ОЈО Куманово, а вишото обвинителство организирало да дојде и обвинител од Скопје за да се одбегне судир на интереси бидејќи кумановското обвинителство е сместено во истата зграда. Ќе учествуваат и екипи од СВР Куманово, крим-техника, инспектор за пожари и вешто лице електроинженер.
Претседателката на судот, Снежана Маневм, вели дека се направени основни проверки, а покрај противпожарната единица во подрумските простории влегле и екипи на полицијата. Манев вели дека сега нема чад, но противпожарната единица не дозволува да се влезе.
„Се чека да се спроведе истрагата. Од она што го имаме како информација е дека увидот ќе почне утре и тогаш дефинитивно ќе може да преземеме мерки во средување, решавање на електрична енергија, сè што е неопходно“,
вели Манев.
За итните предмети, таа вели дека преку Судскиот совет овозможено е кумановските судии да работат во Кривичниот суд Скопје.
Утрово во пет часот екипа на територијалната противпожарна единица од Куманово повторно интервенирала, иако пожарот бил изгаснат.
„Вчера завршивме околу 21:30 часот. Останаа дежурни од полицијата до 05:30 часот кога имаше малку чад кој го изгаснавме. Меѓу книгите кои се една врз друга не може да се види дали во долната архива има евентуален жар. Тоа е архива од 1952 година“,
изјави заменик командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски.
Пожар во судот во Куманово, гореа просториите каде што се чувала архивата
Пожарот во кумановскиот суд избувна вчера во 1:35 часот, по што во текот на денот чадеше во неколку наврати. На терен беа ангажирани 15-тина пожарникари со неколку возила.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера најави дека експерти за криминалистички и технички испитувања и вештачења ќе ги испитуваат причините за пожарот што изби во подрумските простории на Основниот суд во Куманово.