ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

УБЕДЛИВА ИЗБОРНА ПОБЕДА НА САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ ВО КОСОВО, ЕУ БАРА КОНСТРУКТИВЕН ДИЈАЛОГ СО СРБИЈА

Рекордна победа на Самоопределување на парламетарните избори во Косово..Досега опозициската партија на чие чело е поранешниот премиер Албин Курти, освои 48 проценти од гласовите и дојде до најголема победа во историјата на независно Косово.

Во коалиција со партијата на Курти на овие избори беше независната листа на досегашната собраниска спикерка и вршителката на должноста претседател на државата, Вјоса Османи, која се одметна од матичната партија.

„Овие избори беа референдум за правда и работа наспроти состојба на заробеност и корупција. Оваа голема победа е шанса да почнеме нешто ново. Пред нас е многу работа за да ја извлечеме земјата од повеќе кризи.“ – изјави Албин Курти претседател на Самоопределување.

Конкурентите на Самоопределување, поранешната владејачка партија ЛДК, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднината на Косово , кои во минатото најчесто беа носители на власта во земјата, на овие избори забележаа досега најслаби резултати од нивното постоење.

ЛДК, чија листа ја предводеше досегашниот премиер Авдулах Хоти, според досега препбројаните гласови освои околу 13 проценти, дури двојно помалку одошто на претходните избори во октомври 2019 година.

Демократската партија на косово, партијата основана од доскорешниот претседател на државата Хашим Тачи и чиј претседател беше Кадри Весели, кои од пред неколку месеци се наоѓаат во Хаг,  освои нешто повеќе од 17 отсто гласови. 

„Резултатите кажуваат дека Самоопределување е на прво место и тоа е јасна порака. ПДК ќе го прифати тоа.“ – изјви Енвер Хоџај  – претседартел на Демократската партија на Косово.

Партијата на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, има поддршка од помалку од осум отсто од гласачите, додека изборниот праг од пет отсто не успеа да го помине Социјалдемократската иницијатива како и партијата на Фатмир Лимај, која исто така досега најчесто учествуваше во власта.

Според косовскиот Устав, 10 пратенички места се гарантирани за претставниците на српската заедница и тие, како и досега, сигурно ќе ги освои партијата Српска листа, која ја има отворената поддршка на официјален Белград и на српскиот претседател Александар Вучиќ. 

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, побараа од новите лидери на Косово да почнат дијалог за нормализирање на односите со Србија.

„Европскиот пат на Косово, исто така, поминува низ сеопфатно нормализирање на односите со Србија и ЕУ очекува новите власти во Приштина да се ангажираат конструктивно за да ги продолжат состаноците на дијалогот со помош на ЕУ и да ја искористат можноста да се постигне сеопфатен договор.“ – се наведува во заедничкото соопштение на Борел и Вархеји.

Победникот на изборите, Албин Курти, веќе порача дека односите со Србија не се на врвот на неговите приоритети Но од Брисел очекуваат од Приштина да ги продолжи средбите со Белград под покровителство на Унијата.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.