ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Тутунарите бараат реална проценка и откуп и во саботите

Пред утрешната средба во Скопје на Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари, Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители и претставници на откупните компании со министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, од Сојузот ги повторија барањата: зголемена динамика на откупот и реална проценка. Сојузот бара пунктовите да бидат отворени и во саботите и рокот за откуп да се продолжи доколку е потребно.Според Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени 8.550 тони тутун, а просечната цена е 166,5 денари.

„Очекуваме нашите барања кои навремено беа доставени да бидат прифатени зашто се реални. Мора итно да се реши вишокот тутун за компаниите да го преземат. Министерствтово за земјоделство и откупувачите штом се согласија, зошто тоа да не биде сега, да се пуштат картони, а откупувачите со договор која компанија да преземе и колку. Имаме и барање да се преземат околу 450 тони на тутунарите кои имаа договори со компанијата ,Далија табак’, која не обезбеди средства и не го почна откупот”, вели претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, Менде Стомнароски.

Според директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, вчера се откупени 640 тони, а досега вкупно 8.550 тони тутун со просечна цена од 166,5 денари.

„Динамиката на откупот е малку зголемена. Вчера се купени 640 тони и досега вкупно се преземени 8.550 тони тутун. Се очекува дека за откуп има преку 15.000 тони. Просечната цена е речиси иста цело време, 166,5 денари за килограм. Ќе видиме што и како ќе се договори на утрешниот состанок”, изјави Шапуриќ.

Кај тутунарите пред пунктовите останува недовербата во проценката, па носат тутун и парцијално. Имаат и вишок количества, недоговорени и не знаат што со нив. Сепак, се надвеаат дека состојбата ќе се подобри.

„Со сопругот и со помош на аргати имаме произведено 1,5 тони тутун ама договорени ни се 580 килограми, другиот тутун стои дома и не знам што ќе биде. Процената главно оди трета и четврта класа, ретко втора, не е тоа добро, ама можеби нешто ќе се подобри. ќе видиме”, вели Гордана Ангелеска, производител од Прилеп.

„Произведов три тона тутун. Сега донесов за процена 43 картони. Срамота е, делот кој ми е од врвен тутун не помина барем како втора класа”, вели Слободан Божиноски, производител од селото Заполжани.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.