Туск препорача да се одобри договорот за Брегзит
Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск во писмо што го испрати до членките на Советот им препорача на утрешниот Самит во Брисел да го одобрат договорот за Брегзит.
“Никој нема причина да биде среќен. Но, барем во ова критично време, ЕУ го положи тестот за единство и солидарност” рече Туск.
Ова следува откако Шпанија, по заканите дека ќе го бојкотира утрешниот Самит, доби гаранции од Велика Британија за Гибралтар. „Европа и Велика Британија ги прифатја условите што ги постави Шпанија“ рече шпанскиот премиер Педро Санчез и потврди дека ќе гласаат за Брегзит.
Шпанија бараше промени во нацрт-договорот за Брегзит и поврда дека секоја одлука на оваа британска територија ќе биде донесена само во директни преговори со Мадрид.
На специјалниот Самит што ќе се одржи утре треба да се одобри договорот со Велика Британија за Брегзит и да биде усвоена политичка декларација за идните односи меѓу двете страни.