Турција почна досега најголеми морнарски воени вежби во историјата на земјата
Турската војска денеска почна најголеми морнарски вежби во историјата на државата со повеќе од 100 бродови, во придружба на дронови, хеликоптери и авиони, потврди турското Министерство за одбрана за ДПА.
Ова се први вакви вежби што Турција симултано ги изведува во три мориња – Црното, Егејското и Средоземното Море, а ќе траат до 8 март, соопшти Министерството.
Вежбите се одвиваат во екот на долготрајниот спор меѓу Турција и Грција за сувереното право во Егејското Море и тензиите поради поморските истражувања во потрага за природен гас на двете страни на Средоземното Море меѓу Крит и Кипар.
Во вежбите, со име „Сина татковина“, учествуваат 103 воени брода, вклучително и 21 чамец и 13 фрегати, објави државната новинска агенција „Анадолија“. Целта на вежбите е подобрување на нивото на подготваност на поморските сили за воена акција, како и подобрување на заедничките оперативни вештини на земјата, во море и воздух.