Турција: Околу 200 лица уапсени поради сомнение за врски со Ѓулен
Турските власти уапсија 198 лица, меѓу кои и бројни припадници на војската, под сомнение дека биле блиски со имамот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за поттикнување на неуспешен пуч во јули 2016 година.
Апсењата се извршени по наредба на канцеларијата на обвинителот на Измир, на западот на Турција, кој издаде налози за апсење на 304 лица, осомничени за телефонски разговори со водачите на движењето на Ѓулен. Меѓу осомничените, 295 од нив се на воена служба, пренесува Анадолија.
Во друга операција, исто така насочена кон наводните приврзаници на Ѓулен, во вторникот во Анкара беа уапсени 21 лице, меѓу кои и бројни воени лекари.
Фетулах Ѓулен, кој живее во САД последните дваесет години, предводи наводна мрежа, за која Анкара верува дека се инфилтрирала во турските институции, со цел да го симне од власт претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган го обвинува Ѓулен, поранешен сојузник, дека е мозокот на обидот за државен удар во јули 2016 година, што Ѓулен го негира.
Од неуспешниот пуч, властите трагаат по приврзаниците на Ѓулен и започнаа обемни чистки, невидени во модерната историја на Турција. Десетици илјади луѓе се уапсени, а повеќе од 140.000 се отпуштени или суспендирани.