Турција ги „штити своите права“ во источен Медитеран: Пристигнува воена поддршка за Либија
Турција ќе ја зголеми својата воена поддршка за меѓународно признатата влада во Либија, доколку е потребно и ќе ги процени копнените, воздушните и морските опции.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави воена поддршка за Либија, откако двете страни минатиот месец потпишаа договор за воена соработка.
Турција ја поддржува Владата на националниот договор (ГНА) на Фаез ал Сераџ во Либија и веќе испрати воени резерви до ГНА и покрај ембаргото на оружје од Обединетите нации, се наведува во извештајот на експертите на ОН минатиот месец, пренесува Ројтерс.
Турција, исто така, рече дека може да распореди трупи во Либија, доколку ГНА поднесе такво барање. ГНА со месеци се бори против офанзивата на силите на Калифа Хафтар на истокот на земјата. Силите на Хафтар добија поддршка од Русија, Египет, Јордан и Обединетите Арапски Емирати.
Минатиот месец, Турција и ГНА потпишаа договор за зајакнување на воената соработка и засебен договор за поморските граници, што ја налути Грција.
Додека Грција тврди дека договорот го крши меѓународното право, Турција ги негира овие обвинувања, наведувајќи дека има за цел да ги заштити своите права во источниот Медитеран.
Ердоган во неделата рече дека Турција „апсолутно“ нема да се повлече од договорот со Либија.