ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Турско-израелска разузнавачка војна во најава

Зошто турската разузнавачка служба МИТ го предупреди Мосад дека нема да дозволи негови акции против Хамас на турска територија
Израелските разузнавачки служби го подготвуваат планот да ги лоцираат и да се пресметаат со лидерите на Хамас што се распрскани низ светот, кога ќе заврши војната во Појасот Газа. Тие ги поставуваат и рециклираат плановите за повеќегодишна кампања за фаќање на милитантите одговорни за масакрите на 7 октомври, исто како што тоа го направија по Олимписките игри во Германија во 1974 година. Вакво нешто потврдија и официјални извори на израелските власти што беше објавено неодамна „Волстрит журнал“.
„Според наредбите на премиерот Бенјамин Нетанјаху, разузнавачките служби на земјата развиваат планови за елиминирање на лидерите на Хамас што живеат во Либан, Турција и во Катар…“. Во Катар со години се наоѓа политичкото крило на Хамас, пишува „Волстрит журнал“.
Ваквите најави за операциите на израелската разузнавачка служба Мосад не ѝ се допаднаа на Турција, директно се споменува во текстот на американскиот „Волстрит журнал“. Загриженост за најавата на израелскиот премиер Нетанјаху изразуваат и некои поранешни високи израелски разузнавачи. Така, поранешниот директор на Мосад, Ефраим Халеви, оваа одлука ја нарече „непромислена затоа што убиството на лидерите на Хамас нема да ја елиминира заканата, но може да разгори омраза меѓу следбениците на групата и да ја забрза појавата на уште посериозни закани“. Според него, планот „е пресилен, а ловот на Хамас и обидите да се уништат сите негови лидери се само поради желбата за одмазда, а не за постигнување стратегиска цел“, се наведува во текстот на „Волстрит журнал“.
Анкара се заканува дека ќе ги приведе вработените и агентите на Мосад во Турција

Во Турција, пак, имаше низа медиумски реакции за споменатиот текст. Причината за тоа е што во Турција би можело да започне притворање на вработените и тајните агенти на израелската разузнавачка служба Мосад, која се обидува да дејствува против Хамас во земјата. Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека какви било напади на израелските разузнавачки служби врз лидерите на Хамас во Турција се неприфатливи и дека Израел ќе плати „висока цена“ во случај на таков настан.
Турскиот медиум „Хуриет“ смета дека е многу веројатно во блиска иднина да бидат приведени членови на израелското разузнавање, тврдејќи дека „минатата година седум лица од израелското разузнавање беа фатени за врат и фрлени во затвор“. Турската национална разузнавачка организација (МИТ) веќе го издала неопходното предупредување до Израел и доколку таквата работа продолжи, одговорот ќе биде „не само со зборови туку и со дела“.
Телевизијата Хабертурк, повикувајќи се на извори во турските разузнавачки агенции, тврди дека турското разузнавање го предупредило Израел за „сериозни последици“ доколку ги гони членовите на Хамас што живеат во Турција. Притоа се укажува на текстот на „Волстрит журнал“ и се вели дека директорот на израелската внатрешна контраразузнавачка агенција Шин-Бет (Шабак), Ронен Бар, во видео емитувано на израелската државна телевизија КАН рече дека „тие се решени да ги убијат лидерите на Хамас насекаде во светот, вклучувајќи ги и Катар, Турција и Либан, дури и ако тоа трае со години“.
Во интервју за агенцијата Анадолу официјалните лица потсетија дека различни разузнавачки служби претходно се обиделе да извршат нелегални активности на територијата на Република Турција и нагласија дека на ниту една служба нема да ѝ биде дозволено да врши такви операции.
Турскиот медиум „Милиет“, повикувајќи се на текстот на „Волстрит журнал“, пишува дека турските разузнавачи изјавиле дека обидот на Израел да фати членови на Хамас во Турција ќе има „сериозни последици“.
– Врз основа на веста за изјавите на израелските официјални лица, на соговорниците им беа дадени потребните предупредувања, а на Израел му беше кажано дека (таквата акција) ќе има сериозни последици – рече претставник на турското разузнавање.

Предупредувањето на Анкара стигна и во Ерусалим

Израелскиот весник „Ерусалим пост“, под насловот „Турција го предупредува Израел за сериозни последици доколку се обиде да ги нападне лидерите на Хамас во странство“, објави дека претседателот Реџеп Таип Ердоган го опишал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како „касапот на Газа“.
Друг израелски медиум, „Тајмс оф Израел“, напиша дека Анкара го предупредила Тел Авив дека ќе се соочи со „сериозни последици“ и дека предупредувањето ги нагласува сите видови незаконски активности на турска територија. Во вестите беше објавено дека името на специјалната единица за атентат создадена во рамките на израелските разузнавачки организации Мосад и Шин-Бет е „Нили“. „Нили“ е името на подземната шпионска мрежа на Евреи што им помагале на Британците против Отоманската Империја за време на Првата светска војна. „Нили“, кој се состои од иницијали на четири хебрејски збора, во британските архиви се нарекува „Организација“, велат турските медиуми.
Американската агенција „Блумберг“ коментираше дека израелските власти разговарале за убиството на членовите на Хамас во Турција и дека турското разузнавање им пренело порака на своите израелски колеги преку изјавата на официјална Анкара.
Некои турски медиуми тврдат дека Мосад долго време се обидува да работи на турска територија, регрутира агенти и се обидува да изврши операции. Конкретно, Мосад се обидува да привлече палестински студенти од семејства со ниски приходи што живеат во Турција. И покрај тоа, МИТ година и пол му даваше лажни информации на Мосад.
Она што е ново во случајот со прогонот на лидерите на Хамас во други земји е наводната објава на израелските разузнавачи „за намерата да се оди дотаму да се организира атентат“, што тие веќе го направиле во својата историја, потсетува „Милиет“.

Бајден долеа масло на огнот

Деновиве американскиот претседател Џо Бајден додаде дополнително „масло на огнот“ со своите зборови дека членовите на Хамас силувале израелски жени и ги осакатувале нивните тела за време на нападот врз јужен Израел на 7 октомври. Зборовите на Бајден веднаш беа остро демантирани од Хамас, нарекувајќи ги лаги, како и неговата помош на Израел во прикривањето на воените злосторства во Газа, „бидејќи тие биле извршени со американско одобрение“.
Без оглед на тоа што тогаш борците на Хамас несомнено извршија грозоморни злосторства во јужен Израел и што никој не може да го негира, Турција има сличен став кон Хамас во однос на израелската војна во Појасот Газа, па јасно е дека зборовите на Бајден нема да му се допаднат на Ердоган, особено не во контекст на огромниот број палестински цивилни жртви, повеќе од 15.500, од кои 70 проценти се жени и деца.
Сепак, Бајден е во исклучително сложена ситуација. На една страна се демократското мнозинство и силното еврејско лоби во САД, кое бара уште поголема американска поддршка за Израел во неговата војна против Хамас, а на друга страна се младите американски демократи, како и левото крило на Демократската партија. Партијата и нејзината силна група во Конгресот предводена од Берни Сандерс, како и американската муслиманска и арапска заедница, веќе најавува дека нема да гласа за Бајден на следните избори поради неговата целосна усогласеност со израелската страна (таа заедница традиционално гласа за демократите).
За Бајден е особено голем проблем што неговиот предлог да ѝ се додели финансиска помош на Украина во износ од нешто повеќе од 61 милијарда долари, која ја врза за финансиска помош за Израел и Тајван, како и за зајакнување на американската граница со Мексико, е „заглавен“ во Конгресот. Засега републиканците го блокираат овој предлог-буџет за следната година, барајќи намалување на сумата за Киев и зголемување на сумата за гранична контрола. Се разбира, републиканците немаат ништо против да испратат помош за Израел. Но, бидејќи целиот предлог е ставен во еден пакет, за Израел засега нема помош.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon

Можеби сте пропуштиле

Британската и македонската Влада денеска во Лондон го потпишаа договорот за соработка. На договорот се потпишаа британскиот министер за извоз Гарет Томас и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, свеченото потпишување се одржа во историската зграда на Стариот Адмиралитет во Лондон. Со потпишувањето на овој документ, на Македонија ѝ се ставаат на располагање 5 милијарди фунти (6 милијарди евра) за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори. „Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво. Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период. Навистина сме благодарни што Обединетото Кралство, со својот Инструмент за поддршка на надворешно финансирање, постави рамка од 5 милијарди фунти, што е најголемиот договор што Македонија го потпишала во својата историја во однос на економијата. Навистина сме благодарни за тоа и ова го гледаме како одлична можност за целата држава да се развива. Веќе имаме три проекти кои што се подготвени. Тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и секако проектот за образование, за Медицинскиот факултет, а во претстојниот период ќе бараме нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, но и други проекти секако“, изјави Николоски по потпишувањето. Министерот за извоз Томас рече дека ова партнерство „отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија“. „Велика Британија има богато искуство во испораката на висококвалитетна инфраструктура низ целиот свет и среќен сум што го започнувам ова ново партнерство што ќе им помогне на повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија“, рече Томас. Од шесте милијарди евра финансиска рамка со Обединетото Кралство во првиот циклус од пет години ќе се повлечат околу 2,2 милијарди евра, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во емисијата „360 степени“. „Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата. Никаде не пишува дека имаме задолжително повлекување на петте милијарди, а британската Влада гарантира дека Македонија кога ќе ги земе кредитите, ќе ги врати“, рече Димитриеска-Кочоска. Министерката рече дека таа не може да даде повеќе детали за парите, висината на каматата и се останато, се додека не добие готов проект на маса. „Ќе мора да седнеме и со министерот за транспорт да се разговара да каже кои се проектите и потоа ние како Министерство за финансии, покрај што ќе добиеме понуда од банката по процедурите од финансии, ќе си побараме понуда и од други меѓународни институции, затоа што тоа го налага законот. Така што, во овој момент не би можела да зборувам повеќе детали затоа што немам зрел проект пуштен во Финансии, врз основа на кој ќе барам понуда од повеќе банки и ќе излезам да кажам колку е точно каматата би било несериозно. Она што го знам и го имам како информација, се разговара за клинички во Штип, болница во Кичево и онаа брза пруга“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.