ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Турските смртоносни дронови се воздушен предизвик за Путин во Сирија

Турција испрати мноштво смртоносни дронови во нападот на руски поддржаните сириски владини сили, во она што високи претставници го нарекоа воена иновација која ја покажа технолошката моќ на Анкара на бојното поле.

Одмаздата за убиството на 33 турски војници од страна на сириските сили минатата недела вклучуваше координирана акција со досега невиден број на дронови, како што порача еден висок функционер во Турција, директно запознаен со сириската политика на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Државата за првпат изврши воздушен напад врз голема територија со помош на дронови, според изјавата на владиниот претставник.

Во серијата напади што започнаа од минатиот четврток со десетици далечински управувани летала, цел беа сириски бази и магацини со хемиско оружје, како што порача турската армија. Но Турција, исто така, лоцираше и уништи дел од сириските системи за ракетна одбрана што ги поттикна прашањата за ефикасноста на руската опрема, која треба да спречува токму вакви воздушни напади.

– Ова беше нешто што официјално само Израел го стори досега – објави на Твитер Чарлс Листер, директор на програмата за екстремизам и борба против тероризмот на Институтот за Блиски Исток, за видео-снимката на турски дрон на која наводно се гледа уништувањето на сирискиот систем за воздушна одбрана. Тој додаде дека Турција „спровела воздушна офанзива само со вооружени дронови“.

Ваквата тактика се заканува да ја вовлече Турција како членка на НАТО во директна конфронтација со Русија што дополнително ги влошува односите меѓу Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин токму пред закажаната средба оваа недела во обидите да се намалат тензиите околу Сирија. Двајцата лидери напорно работеа да се стави крај на сириската граѓанска војна и покрај спротивните ставови, но постојано наидуваа на пречки околу тоа кој треба да ја има контролата врз северозападната сириска провинција Идлиб која се граничи со Турција. Русија го контролира воздушниот простор над Сирија како дел од воената поддршка за сирискиот лидер Башар ал Асад, со тоа што ги распореди напредните системи за ракетна одбрана „с-400“ за да го обезбеди небото, додека нејзините воени авиони им помагаат на сириските сили за да го освојат последното бунтовничко упориште во Идлиб. Турските сили ги поддржуваат бунтовниците, а Анкара стравува дека ќе настане нов егзодус на бегалци кои ќе се упатат кон Турција ако Идлиб падне во рацете на Асад.

Сирија реагираше на турската офанзива со дронови со тоа што го затвори воздушниот простор над Идлиб, како што вчера пренесе државната сириска новинска агенција (САНА).

– Секакво летало што ќе го наруши сирискиот воздушен простор ќе се смета за непријателски авион што мора да биде соборен – пренесе САНА според неименуван воен претставник.

Турција вчера соопшти дека нејзините сили собориле два сириски воени авиони „су-24“ и уништиле уште три сириски системи за воздушна одбрана, а потврди дека бил погоден еден вооружен турски дрон.

Турција сака да издвои зона што ќе ја контролира во северна Сирија како дел од обидите да насели милиони сириски бегалци кои моментно се наоѓаат во Турција. Путин порача дека силите на Асад треба да ја вратат контролата врз целата сириска територија затоа што тоа е најдобриот начин да се гарантира граничната безбедност на Турција.

Русија негираше вмешаност во воздушниот напад од 27 февруари, во кој турските сили во еден ден претрпеа загуби, какви што немаат претрпено со децении, иако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва не може да ги спречи сириските сили да ги напаѓаат „терористите“ на нивна територија. Турски претставници ја обвинија Москва дека не направила ништо за да го спречи Асад во намерата.

Турција долги години ги организира воените вежби „Анадолиски орел“ на НАТО, во кои се симулираат напади на слични руски системи за ракетна одбрана, вклучувајќи и електронска опрема. Израелските сили исто така учествуваа во слични воени вежби. Турција распореди електронски блокатори на сигнал во Сирија пред да ги спроведе нападите со дронови како дел од офанзивата „Пролетен штит“.

Анкара со нетрпение чекаше да ја покаже својата воздушна воена моќ.

Министерството за одбрана објави серија на видео-снимки на Твитер, на кои се забележуваат уништени сириски тенкови и артилерија во напади со дронови.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.