Турскиот министер за надворешни работи го посети Египет
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска го посети Египет, што е реткост за турските власти и знак за затоплување на односите меѓу двете земји по десет години напнатост.Шефот на турската дипломатија во Каиро се сретна со неговиот египетски колега Самех Шукри, кој ги нарече разговорите „длабоки, транспарентни и искрени“.
Односите меѓу Египет и Турција се влошија во средината на 2013 година, откако армијата, тогаш предводена од сегашниот претседател Абдел Фатах ал Сиси, го собори од власт тогашниот египетски исламистички претседател Мохамед Морси по масовните протести против неговото поделено владеење.
Двете регионални сили ги поддржаа и спротивставените страни во Либија. Сиси и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се ракуваа на Светското првенство во Катар во ноември минатата година, што беше знак на зближување.
Чавушоглу денеска во Каиро рече дека се во тек подготовките за средба меѓу Ердоган и Сиси, која најверојатно ќе се одржи по претседателските и парламентарните избори во Турција на 14 мај. Тоа е прва посета на турскиот министер за надворешни работи на Египет по 11 години, според турската телевизија ТРТ.
Разговорите во саботата го започнаа „начинот за повторно нормализирање на односите во сите сфери и започнување на нова фаза“, изјави Шукри.
„Постои желба за развој на односите и динамиката на сите нивоа“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција.
Три недели претходно, министерот за надворешни работи на Египет го посети јужниот дел на Турција погоден од земјотресот и се состана со Чавушоглу. Египет обезбеди хуманитарна помош за Турција по земјотресот.