Трговците сами ќе ги определуваат цените на горивата
Нафтените компании во иднина сами ќе ги определуваат цените на горивата кои ќе ги продаваат на пазарот односно на бензинските пумпи. Но, нема да смеат да одат над максималната граница која редовно ќе ја определува Регулаторната комисија за енергетика. Вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска соопшти дека новиот претседател Стево Пендаровски веќе го потпишал Законот за енергетика. Прашање на денови е кога Регулаторната комисија ќе ја донесе и новата методологија за пресметка на цените.
„… Државата ќе се грижи само да стави горна максимална цена над која не смее да се продаваат нафтените деривати на слободниот пазар. Тоа е со цел да се заштитат граѓаните и индустријата и економијата која зависат од нафтените деривати…“, рече Кочо Анѓушев – заменик премиер за економски прашања.
За енергетските прашања во земјава и регионот денеска во Струга се одржа меѓународен форум. Во фокусот беа електричната енергија и гасификацијата. Според Анѓушев, цената на пазарот со струја е стабилна, а премиерот Заев оцени дека изградбата на магистралните гасоводи се одвива со добро темпо.
„Дел од општините се спремни со дел од потребната документација за изградба на дистрибутивните системи за природен гас. Во самите општини. Во финална фаза влегува и процесот на изградба на интер-конективното поврзување со гасоводниот систем на Грција. Со тоа добиваме уште една можност за снабдување со природен гас од Азербејџан и истовремено за поврзување со енерџи-терминалите во Грција“, изјави премиерот Заев.
Во однос на екологијата, од Европската енергетската заедница не очекуваат земјава да успее до следната година над 23% од домашната произведена струја да биде од чисти извори. Затоа рокот за тоа е продолжен до 2030-ттата.
„…Новата финансиска перспектива од 2020 до 2027 година ќе биде сосема различна отколку што е денес. Половина од буџетот ќе биде насочен кон развојни проекти и ќе биде забрането средствата да бидат користени за било што е поврзано со фосилните горива, нафтата и гасот“, рече Јанез Копач директор на европска енергетска заедница.
На конференцијата беше апелирано што е можно побрзо да се напушта користењето на јагленот за производство на струја и фокусот да се пренасочи кон еколошките извори на енергија како што се сонцето, водата и ветерот.